
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски, на социјалните мрежи информира дека почнал процесот на одгасување на Вардариште, што е чекор поблиску до најголемиот мега-парк.
-Дадениот збор пред граѓаните е обврска што мора да се исполни. Како што ветив, по спроведената физибилити студија, денеска почна процесот на одгасување на депонијата Вардариште. Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови што со години се наталожуваа на ова место. Од сите бушотини ќе се земаат примероци што ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите“, вели градоначалникот.
Тој додава дека паралелно со тоа, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.
Вардариште ќе стане минато. Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток. На ова место ќе никне современ мега-парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје“, се наведува во објавата.
Се најавува да биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај.
Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет. По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост што ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност“, додава скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски истакнува дека Скопје се сака со дела.
А, делата се нашиот препознатлив знак“, истакнува тој.

Македонски


