
Падот на наталитетот во Албанија станува еден од нај загрижувачките демографски случувања во последните години, што условува длабоки социјални и економски промени.
-Во последните десетина години, бројот на деца родени во земјата се намалил за околу 35%, додека годишните бројки се приближиле до нивото од околу 20 илјади раѓања, што значително помалку во споредба со пред една деценија. Овој пад не е поврзан само со индивидуалните избори за помали семејства, туку и со вистинското намалување на населението во репродуктивна возраст, објавија медиумите.
Статистиката потврдува дека континуираната емиграција на млади луѓе, особено на оние на возраст од 20 до 39 години, значително го намалила бројот на бракови а со тоа и наталитетот. Паралелно, растечките трошоци за живот, високите цени на домувањето, трошоците за одгледување дете и неизвесноста на пазарот на трудот влијаат врз одлуките на брачните другари да го ограничат бројот на пород.
-Дури и кога постои желба за повеќе од едно дете, економските фактори честопати ја отежнуваат оваа одлука. Експертите од областа на демографијата истакнуваат дека земјата се соочува со „негативен демографски момент“, каде што базата на младо население се намалува побрзо од населението како целина, забрзувајќи го стареењето на општеството, пренесуваат медиумите.
Според демографите се очекува оваа ситуација да има долгорочни последици за пазарот на трудот, пензискиот систем и економската структура на земјата, бидејќи помалубројното население во работоспособна возраст ќе мора да издржува сè поголем број стари лица.
Доколку сегашниот тренд продолжи, оценуваат тие, Албанија ризикува да се соочи со понатамошно намалување на наталитетот во наредните години, претворајќи го демографското прашање во стратешки предизвик што бара конкретни политики за поддршка на младите семејства, создавање економска сигурност и ограничување на емиграцијата на младите.
Извор: МИА

Македонски


