
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на почетокот на месецот спроведоа 39 вонредни инспекциски контроли во домови за стари лица во земјата. Со контролите утврдено е дека само еден не бил регистриран како оператор со храна во АХВ за што му е изречена привремена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата.
Од АХВ посочуваат дека еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност на храната, а четири од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен задравствен преглед за вработените лица.
За утврдените недоследности, кои се однесувале и на нередовно водење записи за добра хигиенска и добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени – истакнуваат од АХВ.
За сторени прекршоци од поголем обем, изречени се глоби во вредност од 1.550 евра во денарска противвредност за четири оператори, а само од еден контролиран оператор нештетно се уништени шест килограми небезбедна храна.
Од АХВ посочуваат дека состојбата е значително подобрена во однос на претходните контроли спроведени во ноември 2024 година.
При спроведените вонредни инспекциски надзори кај оваа категорија оператори во ноември 2024 година 14 не беа регистрирани како оператори со храна во АХВ, а нештетно уништени беа 40 килограми небезбедна храна. Издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување утврдени недоследности, а глоби им беа изречени на 18 дома за стари лица – се наведува во соопштението.

Македонски


