
Претседателката на македонското здружение „ВМРО ДПМНЕ Албанија” Елена Симонофски и Марјана Костофски, претставник на македонското малцинство во Комитетот за национални малцинства, што е орган на албанската влада, учествуваа на тркалезната маса посветена на формуларот за само-идентификација на националните малцинства.
Настанот се одржа во северниот албански град Кукс, во организација од Министерството за внатрешни работи, во соработка со Комитетот за национални малцинства а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Албанија и Советот на Европа.
– За време на средбата се дискутираше за значењето на слободната и точна само-идентификација на граѓаните кои припаѓаат на националните малцинства, како важен елемент за гарантирање на нивните права и за креирање по инклузивни јавни политики, информираше Симонофски.
Средбата, додава, претставуваше вреден простор за дијалог помеѓу претставници на институции, организации и заедници, нагласувајќи ја потребата од поголема информираност и подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на овој процес.
Со цел целосно запознавање на невладите организации и со тоа и на припадниците на малцинствата, вакви средби се планирани и во други окрузи, меѓу нив и во Корча каде територијално припаѓа Општина Пустец, населена со Македонци, кои во голем број ги има и во други делови но и во градот Корча.

Македонски

