Skip to main content

Џорлев, Спировски и Георгиевски носат импровизирана музика во Паб „Ѕе“

Во четврток, на 12 март 2026 година, со почеток од 21:00 часот, во Македонскиот Паб „ЅЕ“ во Скопје ќе се одржи заеднички концерт на импровизирана музика на Мартин Џорлев, Нинослав Спировски и Мартин Георгиевски.

На концертот, Мартин Џорлев ќе настапи на гитара, Нинослав Спировски на саксофон и кларинет, додека Мартин Георгиевски ќе настапи со електронски сет.

Џорлев е препознатлив по својот придонес кон локалната и регионалната алтернативна сцена, особено преку бендот Lufthansa. Во текот на кариерата бил дел и од други музички проекти како Zulu 3.4, Стој, После! и Животни.

Нинослав Спировски е фри-џез кларинетист и саксофонист кој припаѓа на генерацијата музичари што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во Македонија. Тој е познат по работата со составите Светлост и Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, како и по бројни други соработки на сцената.

Мартин Георгиевски настапува под името Amplidyne Effect од 2009 година и се фокусира на електронска, амбиентална и експериментална музика, најчесто во форма на импровизирани сесии. Има издадено повеќе изданија и настапува како соло артист, но и со состави како Post Global Trio, Meissa Ionis, ТРИМА и Светлост + Odron Ritual Orchestra.

Во текот на кариерата настапувал на фестивали како Pohoda Festival во Словачка, PNEM Soundart Festival во Холандија, De:sonanz, Скопскиот џез фестивал и други меѓународни музички настани.

Концертот во Македонскиот Паб „ЅЕ“ започнува во 21:00 часот, а влезницата изнесува 200 денари.

Поврзани вести