Skip to main content

Само две држави би можеле да преживеат светска нуклеарна војна

Во случај на глобална нуклеарна војна, т.е. во крајниот, најлош можен исход, само две земји – Австралија и Нов Зеланд би имале долгорочна шанса за преживување. Новинарката и истражувачка Ени Јакобсен ги дискутира можните последици од нуклеарна војна во својот подкаст, но и во книгата „Нуклеарна војна: Сценарио“, во којашто опишува како би можел да изгледа таков судир. Според нејзините проценки, огромен број луѓе би умреле во првите 72 минути по првиот нуклеарен напад.

Предупредувањето доаѓа во време кога расте набојот на Блискиот Исток, со САД, Израел и Иран во конфликт што би можел да прерасне во нуклеарна војна.

Светски нуклеарен судир би убил стотици милиони луѓе во самите почетни детонации. Луѓето кои ќе ги преживеат првичните нуклерани експлозии, би се соочиле со долгорочни последици коишто би можеле да бидат подеднакво катастрофални.

Од последиците, можеби најтешка би била тн. „нуклеарна зима“. Јакобсен објасни дека области како американската држава Ајова или Украина би биле покриени со снег со години, што би го оневозможило одгледувањето храна. Освен тоа, чадот и пепелта од експлозиите би ја покриле атмосферата, температурите би паднале, озонската обвивка – долгорочно оштетена, а земјоделството низ целиот свет речиси целосно би пропаднало во период од околу 10 години. Се проценува дека тие неколку години, околу пет милијарди луѓе би можеле да умрат од гладта, зрачењето и од пропаста на општествените системи.

– Кога земјоделството ќе пропадне, луѓето едноставно почнуваат да умираат… Австралија и Нов Зеланд би имале најголеми шанси за преживување поради нивната географска изолација и климатските услови. Во овие делови од светот, последиците од „нуклеарната зима“ би биле поблаги, а земјоделството би можело да преживее, за разлика од повеќето други делови од нашата планета каде што земјоделските култури би пропаднале, предупреди Јакобсен.

Сепак, животот таму не би бил лесен. Во тој постапокалиптичен свет, луѓето би морале да живеат во сурови услови, со ограничени ресурси и постојана борба за храна. Многумина веројатно би се засолниле и би живееле под земја.