Skip to main content

Почна изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје

Министерство за обраозвание и наука

На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денес почна изградбата на новиот универзитетски кампус – инфраструктурен комплекс со модерни услови за наставно – научна дејност и за опфат на поголем број студенти. На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, вицепремиерот Беким Сали, заменик министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи Шаќири, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, ректорската управа, професорите и другите вработени во универзитетот.

Во своето обраќање пред присутните, министерката Јаневска рече дека оваа инвестиција е значајна за забрзување на развојот на најмладиот државен универзитет и целосно оправдана, со оглед на тоа што и сите други државни универзитети своевремено добиле државна помош при основањето и во текот на нивниот развој.

Посакувам успешен почеток и реализација на инвестицијата во рокот кој е предвиден во проектната и планска документација – за околу 5 години отсега, односно во 2030та година на ова место да имаме модерен универзитетски кампус во кој нема да биде прашање дали е возможно исполнување на одредбите од новата законска регулатива за високо образование и наука, што е предмет на поширока јавна дебата во моментов. Туку, наставно – научниот кадар ќе ги има сите неопходни услови за научно творење, за ефективна настава и за кариерно напредување, а студентите за развивање на нивниот личен – човечки и академски потенцијал“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека од секоја инвестиција се очекува и некаков повраток, па така и од оваа инвестиција се очекува универзитетот да прерасне во модерна образовна и научна институција чиј кадар, доволно мотивиран ќе даде придонес во развојот на високото образование и науката и ќе гради нови студентски генерации со вистинско знаење и применливи вештини, без кои не е возможен општествено – економски напредок.

Ова е инвестиција во јакнење на моќта, на автономијата и на општествената улога на високообразовната установа во процесот на транзиција и приклучување на земјата кон друштвото на поразвиените“, додаде Јаневска.

Поврзани вести