Skip to main content

Мицкоски: Шест квартали имаме континуиран раст на БДП во просек 3,5 проценти

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на бруто домашниот производ за последниот квартал од минатата година, изјави:

“Ние како Влада, веќе шест квартали по ред имаме реален бруто домашен производ којшто расте, со 3,5% во просек. 

Во последните два квартали од 2025 година реалниот бруто домашен производ расте со 3,8%. Често пати од опозицијата се исмеваат кога ова го зборувам, но факт е дека еве и во четвртиот квартал, од оние податоци коишто ги објавува ЕУРОСТАТ, реалниот раст на македонскиот бруто домашен производ е во првите три во Европа. Ако се вратиме пред неколку години наназад, тогаш ќе дојдеме до констатација дека тогаш бевме на дното во регионот. Сега сме, да речеме пред соседите, ако Бугарија во четвртиот квартал бележеше раст од 3,2%, Хрватска 3,6%, Србија 2,2%, Грција околу 2%, ние сме со 3,8% лидери во регионот. И повторно ќе излезат оние ботови од опозицијата и повторно ќе го исмеваат ова што ќе го кажам. Но, тие нека се исмеваат, а ние ќе продолжиме да поддржуваме вакви успешни приказни кои контрибуираат во бруто домашниот производ. 

2024 година ја завршивме со реален раст на годишно ниво од 3%, 2025 година ја завршуваме со реален раст од 3,5%, за следната, односно за оваа 2026 година, очекуваме растот да се движи меѓу 3,5 и 4%. Да имаме еден континуиран раст, во услови кога европскиот раст е некаде околу 0,5 – 0,6%. Тоа значи дека економијата е консолидирана и политиките коишто ги води оваа Влада, фискалната консолидација, но и буџетското консолидирање на буџетскиот дефицит, вродуваат со плод. Од една страна имаме политика којашто внимава, не троши премногу, но тоа што го троши, го троши таргетирано, со цел и таа цел вродува со плод, еве резултатот од таквата политика е овој пораст. Инаку, она коешто исто така треба да се напомене е дека, номиналниот бруто домашен производ во 2025 година порасна за 8,2 – 8,3%, нешто што претставува историски рекорд за македонската економија. 

Наша цел како Влада, беше номиналниот бруто домашен производ на крајот од мандатот, тоа е 2028 година, од оваа Влада да натфрли 20 милијарди долари. Тие 20 милијарди долари ги натфрливме после година и половина во 2025 година. Според  ММФ за 2026 година, номиналниот бруто домашен производ за македонските граѓани е поставен на ниво од нешто повеќе од дваесет и една милијарда долари. Според куповната моќ во 2026 година, Меѓународниот монетарен фонд ни предвидува дека по глава на жител ќе се движиме меѓу 31 и 32 илјади долари. Се приближуваме до Црна Гора и Србија, далеку сме понапред од, да речеме Албанија, Косово, Молдавија и останатите земји, Грузија, Белорусија и така натаму. Иако бевме пред две години само и под нив. И позади нив бевме. Така да сега нашата цел е да ги поминеме и овие други две земји коишто се од Западен Балкан 6 групата. И да одиме и чекор понатаму, односно да полека ги стигнеме земјите како што се членките на Европската Унија, Бугарија, Романија и така натаму. 

За жал, многу малку е правено кога Влада беа СДСМ и ДУИ, но затоа мораме да не очајуваме, туку со крупни чекори, гигантски чекори да одиме напред.“

Поврзани вести