Skip to main content

Љутков: Во време на глобални предизвици и брзи промени, културата останува еден од најсилните инструменти за дијалог, разбирање и поврзување

Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи, рече синоќа министерот за култура Зоран Љутков.

Овој филм не е само уметничко остварување. Тој е резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Тој е доказ дека европскиот модел на копродукција функционира, дека солидарноста меѓу нашите кинематографии создава вредност поголема од збирот на поединечните национални напори.

Станува збор за копродукција реализирана со поддршка на Агенција за филм на Република Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и Еуроимаж. Ова партнерство е вистински пример како различни национални фондови и европски механизми можат заеднички да создадат филм што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.

Токму во тоа се крие силата на европската кинематографија.

За нашата земја, копродукциите не се само финансиски механизам. Тие се простор за креативна размена, за учење и заемна инспирација, за поврзување и за градење трајни професионални партнерства. Преку копродукциите, нашите автори и продуценти стануваат дел од поширока европска мрежа, добиваат пристап до нови пазари и нова публика, овозможувајќи и на малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор.

Во време на глобални предизвици и брзи промени, културата останува еден од најсилните инструменти за дијалог, разбирање и поврзување. Кога филм од мала земја може да допре овде, во европските институционални и културни центри, тоа е јасен доказ дека европската соработка не е апстрактна идеја, туку жива и конкретна пракса.

Соработката меѓу Македонија и Европска унија дополнително се продлабочува и преку културата. Особено сме горди што Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, признание што претставува силен поттик за нови партнерства, за уште поголема мобилност на уметниците и за засилено европско културно присуство во нашиот регион.

Верувам дека иднината на европскиот филм е во заедничкото создавање, во споделените приказни, во меѓусебната доверба, во политики што охрабруваат соработка, во фондови што поттикнуваат мобилност и во институции што ја препознаваат културата како суштински столб на европскиот проект.

Вечерва, преку филмот, токму тоа и го правиме – долго им го осветлуваме патот на сите оние што неуморно трагаат по вечната и волшебната убавина на седмата уметност.

Поврзани вести