Skip to main content

Осомничениот за убиството во Старо Нагоричане е во затвор Куманово

Осомничениот за убиство од општина Старо Нагоричане, дваесет и петгодишниот Т. Б. е сместен во казнено-поправната установа Куманово (К‘шање), соопштија денеска од затворот.

Лицето Т.Б. се наоѓа во КПУ Затвор Куманово, на издржување мерка притвор од 30 дена, определена од судија на претходна постапка. По приемот му е извршен лекарски преглед од страна на медицинско лице и е во добра здравствена состојба, соопштија од затворот.

Основното јавно обвинителство Куманово, соопшти дека сите надлежни институции и органи преземаат дејства за обезбедување докази за целосно расчистување на настанот кој ја потресе руралната општина Старо Нагоричане. Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следува негова психијатриска процена од тим на експерти од Клиниката за психијатрија.

Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали – соопштија од ЈОРСМ.

Инаку завршена е обдукцијата и на втората жена за која обвинителството минатата недела нареди ексхумација и обдукција, по убиството во Старо Нагоричане. Директорот на Судска медицина проф. д – р Александар Станков потврди дека станува збор за насилна смрт.

Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација-изјави Станков. Тој повтори дека примероци за ДНК анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек. Кај двете жени станува збор за насилна смрт.

ЈОРСМ, претходно соопшти дека „заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител и дека за една од потенцијалните жртви беше наредена ексхумација и обдукција“.

СВР Куманово го уапси Т. Б, откако тој на 12 февруари влегол во домот на 78-годишната М.С. во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, физички ја нападнал и со перница ја задушил.

Полицијата информираше дека против него биле поднесени пријави за две „тешки кражби“ од деловен објект и приватен имот и „кражба“ од товарно моторно возило. Тој не бил корисник на ниту едно право од Центарот за социјални работи Куманово.

Поврзани вести