
Завршена е обдукцијата и на втората жена за која обвинителството минатата недела нареди ексхумација и обдукција, по убиството во Старо Нагоричане. Директорот на Судска медицина проф. д – р Александар Станков за МИА изјави дека станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена, но дека се подготвува писмениот извештај кој најверојатно до понеделник ќе биде доставен до Обвинителството.
– Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација, изјави Станков. Тој повтори дека примероци за ДНК анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек. Кај двете жени станува збор за насилна смрт.
Од ЈОРСМ велат дека во моментот тече истрагата за осомничениот за убиство од општина Старо Нагоричане и посочуваат дека вештиот наод од обдукцијата не е доставен до Обвинителството. Минатата недела (20 февруари) обвинителството соопшти дека е наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена, поради како што наведе тогаш „заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“.
– Завршена е обдукцијата, се подготвува писмениот извештај и извештајот од ДНК анализите, така што очекувам во најбрз можен рок, најдоцна до понеделник, Обвинителството да го има наодот од обдукцијата и од ДНК анализите. Она што единствено можам да кажам, бидејќи се работи за истрага е дека се работи за насилна смрт и кај втората помлада жена, изјави Станков.
Тој повтори дека примероци за ДНК анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек, каде исто така има насилна смрт и од осомничениот и дека се работи на сите анализи.
Основното јавно обвинителство Куманово, соопшти дека сите надлежни институции и органи преземаат огромен број дејства за обезбедување докази за целосно расчистување на овие настани. Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следува негова психијатриска процена од тим на експерти.
– Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали – соопштија од ЈОРСМ.
Кумановската полиција информира дека на 12 февруари, годинава и осомничениот влегол во домот на 78-годишната жена во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, физички ја нападнал и со перница ја задушил. Полициските службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишија од слобода Т. Б. (25) од село Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 12 февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М. С. (78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти тогаш полицијата.
Против дваесет и петгодишниот Т. Б., како што информираат од СВР Куманово, поднесена е кривична пријава поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.
-Откако бил пријавен настан на 09.02.2026 година за физички напад врз Р.Т. (86) во село Челопек, Т.Б. (25) бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Поради тоа што истрагата сè уште е во тек за подетални информации ќе бидете дополнителни известени, информираат од СВР Куманово.

Македонски



