
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, заедно со членовите на Комисијата, остварил работна средба со амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер, на која во фокусот биле измените на Изборниот законик и зајакнувањето на институционалниот капацитет на Комисијата како клучен столб во напредокот на земјата кон Европската Унија.
Како што информираат од ДИК, на состанокот членовите на Комисијата изразиле благодарност за досегашната соработка и за постојаната поддршка од Владата на Швајцарија, при што претседателот Маричиќ ги претставил клучните планови за зајакнување на довербата во изборниот систем, истакнувајќи дека ова партнерство, реализирано преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), е од пресудно значење за реформите бидејќи директно помага во модернизацијата на изборните процеси.
Амбасадорот Зомер изразил задоволство од досегашниот напредок и постигнатите резултати, нагласувајќи дека Швајцарија во ДИК препознава проактивен партнер со капацитет за лидерство во реформските процеси и потврди дека швајцарската влада останува посветена на поддршката, што е особено значајно годинава додека Швајцарија претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа и кога зачувувањето на изборните стандарди и демократските вредности се во врвот на приоритетите.
Во насока на овие заложби, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири потенцирал дека во текот на оваа недела се очекува објавувањето на Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за спроведените Локални избори 2025, што ќе послужи како водич за идните реформски чекори.
Тема на состанокот биле и претстојните измени на Изборниот законик, при што заеднички било констатирано дека ДИК мора да биде активен учесник во овој процес, при што Маричиќ укажал дека тоа е можност за отстранување на правните недоречености. Членовите на Комисијата ги образложиле предизвиците со финансирањето на медиумските кампањи, потенцирајќи дека само со вградување на нивните искуствени препораки може да се создаде применлив закон кој гарантира фер и демократски изборен процес.
На средбата, на која присуствувала и директорката на ИФЕС, Јоана Козма, било потенцирано дека Швајцарија за ДИК не е само донатор, туку партнер со кој се делат исти цели и вредности на кои ќе се работи и во иднина со цел заштита на демократската волја на граѓаните и дополнително зацврстување на јавната доверба во целиот систем.

Македонски



