
Музичарот Горан Тонев, кој настапувал со бендот ДНК, сведочеше за трагичната ноќ во дискотеката „Пулс“. Тој објасни дека имал устен договор со клавијатуристот Филип Стефановски да биде надворешен соработник на бендот и да свири гитара на нивните настапи. Во својот исказ сведочеше дека не забележал кој ја поставил и кој ја активирал пиротениката во дискотеката.
Тоа беше период од една година и три месеци, имав устен договор со Филип Стефановски, клавијатурист на бендот, да бидам надворешен соработник на бендот ДНК и да свирам гитара со нив. Тој нѐ организира нас музичарите во колку часот каде да бидеме и нè известуваше за настапите – рече Манев.
Според неговото сведоштво, вечерта во „Пулс“ пристигнал околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев.
Таа вечер заедно со Ѓоко Ѓорѓиев, тапанарот, со неговото возило пристигнавме во 22 часот, во исто време пристигнаа и Филип Стефановски и Александар Ларов. Веднаш почнавме да ја внесуваме нашата музичка опрема и се местевме на бината, каде што настапувавме. По некое време пристигнаа и Андреј, вокалот на групата, Сара, Ана и нашиот тон-мајстор, Игор Велков. Направивме тонска проба и јас и Ѓоко Ѓорѓиев излеговме од локалот и се упативме кон хотелот „Сити ин“ во Кочани околу 11.30 часот. Се вративме по 1 часот, имаше некоја храна таму горе во една просторија, пици, каснавме и се упативме кон бината и почнавме да настапуваме – раскажа сведокот.
Тонев нагласи дека пиротехничките средства биле веќе поставени пред нивниот настап.
Кога се качивме на бината пред да настапуваме, тие веќе беа таму наместени – рече тој додавајќи дека забележувал на други настапи, но не знае кој ги поставувал.
Околу 2.30 часот, според него, избувнал пожарот, кога, како што рече, „Панчо на микрофонот изјави сите да излеземе надвор бидејќи плафонот почна да гори“
Пожарот настана над бината, јас се симнав по скалите од бината, се упатив кон излезот, екстремно бргу се ширеше пожарот, од горе од сунѓерот капеа капки, беше екстремно топло, имаше многу густ чад, не можев да дишам и тоа траеше многу време. Како што гореа сунѓерите, тие се топеа и кога погледнав нагоре, огнот беше над мојата глава и капеа црни капки. Имам повреди и од нив. Сунѓерот изгледаше како во музичките студија, беше во брановита форма – рече Тонев.
Сподели дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и на десната рака.
Се лекував во Солун. Сè уште не можам да ја извршувам својата функција како гитарист – дополни Тонев.
Дополнително, тој беше прашан за поставувањето на прскалките и пиротехниката.
Го имам видено Мартин околу нив како ги поместува напред, назад, само тоа, не таа вечер, генерално – рече тој додавајќи дека не му е познато дали тој се грижел за пиротехниката.
На прашањето дали некој реагирал да ги отстрани прскалките пред пожарот, одговори: „Не, не сум видел такво нешто“.
На вкрстените прашања од одбраната бранителката на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, се обиде да заклучи дека пиротехниката била набавувана од групата ДНК. Тонев одговори: „Не знам, не сум видел“.
Никогаш не сме разговарале во врска со пиротехника, секогаш разговаравме во врска со репертоарот и звукот. Не сум забележал кој ја активира – рече Тонев.
Истакна дека од 50-ина настапи со бендот пиротехника се користела на 15-ина, но никогаш не видел кој ја носи или поставува.
Во врска со светлата и другите работи, никој немаше контрола на тоа и немаме ние сценски настап, само излегуваме и свириме – додаде Тонев.
Одговарајќи на вкрстени прашања, посочи дека забележал дека во 2025 година бината во дискотеката била потесна, плафонот понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти за разлика од 2024 година.
Претходно, во својство на сведок исказ даде Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК и редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Таа истакна дека со години работи како придружен вокал со повеќе македонски изведувачи и дека не била постојан член на ДНК, исто како и нејзината колешка и пријателка Сара Пројковски.
Судењето продолжи со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.
Судењето за случајот „Пулс“ се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и многубројни сведоци. Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката во Кочани. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Постапка се води против повеќе физички и правни лица за тешки дела против општата сигурност. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
извор: МИА

Македонски



