
Третото издание на Саемот на образование и кариера ќе се одржи в петок и в сабота на вториот кат на ТЦ „Скопје сити мол“ во организација на студентската и младинската информативна платформа „Студентарија“. Во двата дена настанот ќе биде отворен од 11 до 16 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани.
Главната цел на саемот е младите да донесат информирана одлука за својата иднина, но и да се промовираат можностите што ги нудат домашното високо образование и кариерниот развој во земјата. Оваа година учеството го потврдија 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини и современи професии, како и голем број компании, кои ќе понудат информации за пракса, работа и професионален напредок – соопшти организаторот.
Посетителите на саемот ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на факултетите, да се информираат за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и студентскиот живот и да присуствуваат на панел-дискусии и работилници поврзани со кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд.
Дел од програмата ќе биде и родителското катче, наменето за родителите и старателите, со цел и тие да добијат релевантни информации и насоки како да ги поддржат младите во оваа важна животна фаза – се наведува во соопштението.

Македонски



