
Полските власти издадоа европска потерница за поранешниот заменик-министер за правда Марчин Романовски, кој во меѓувреме доби азил во Унгарија, објави полската новинска агенција ПАП.
Потерницата е издадена во рамки на постапките што во Полска се водат против поранешни функционери, осомничени за злоупотреба на државни средства. Романовски, кој беше дел од претходната влада, во 2024 година доби азил во Унгарија, што предизвика тензии во односите меѓу двете земји.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во изминатиот период одржуваше блиски политички врски со тогашната полска власт, ја одобри заштитата за Романовски, додека полските власти инсистираат на негова правна одговорност.
Во меѓувреме, полското обвинителство покрена постапки и против поранешниот министер за правда Збигњев Жобро, за кого се наведува дека се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои злоупотреба на службената положба и други кривични дела.
Романовски и Жобро ги отфрлаат обвинувањата, тврдејќи дека се предмет на политички мотивирани постапки, додека официјална Варшава нагласува дека постапува согласно принципите на владеење на правото и законските процедури.
Случајот дополнително го усложнува односот меѓу Варшава и Будимпешта и отвора правни прашања поврзани со примената на европските механизми за екстрадиција и меѓудржавна соработка.

Македонски



