Skip to main content

Премиера на монодрамата „Џеки“ во скопскиот Драмски театар

На малата сцена на Драмски театар – Скопје вечерва во 20 часот ќе се одржи премиерата монодрамата „Џеки“, инспирирана од претставата „Драми на принцезите“ на словенечката режисерка Жива Бизовичар. Актерката Трајанка Илиева-Вељиќ ја толкува Џеки Кенеди, сопругата на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, а текстот е авторско дело на австриската писателка Елфриде Јелинек.

Драматурзи на претставата се Ник Жнидаршиќ и Викторија Рангелова-Петровска (втор драматург и редакција на превод). Превод од германски: Катерина Шекутковска. Сценограф и автор на музика – Јан Крмељ и костимограф – Александар Ношпал.

Монодрамата, како што истакнуваат авторите, ја разобличува врската помеѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност.

Оваа монодрама го прикажува светот на потиснатите чувства на Џеки, а не историските факти. Зборува за она што вистинската Џеки не смеела или не можела да го каже во своето време. И покрај надворешната сила, таа се соочувала со многу „духови“. Нејзиното страдање е одраз на тагата на сите жени во светот – вели Илиева-Вељиќ.

„Џеки“ е првата премиера во Драмски театар годинава во која театарот ја одбележува 80-годишнината од постоењето.

Поврзани вести