
Инспириран од светот на животните и нивната сеприсутност во светската и домашната литература и уметност, сестраниот уметник и книжевник Владимир Мартиновски го создал автентичниот поетски бестијариум „Со една четка два зајака“. Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (11 февруари) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“. Настанот беше збогатен со поетско читање на Мартиновски и Биљана Стојановска.
Стихозбирката „Со една четка два зајака“ претставува поетски и симболички каталог на животните, преку кои се изразуваат човечки особини, морални идеи, егзистенцијални прашања и поетски визии на Мартиновски. Книгата се состои од поетските циклуси: „Зооминијатури“, „Жив(отн)и песни“, „Летни соништа (на хибридни чудовишта)“, „Скици за една зооисторија на уметноста“ и „Претопувања“. Во сите овие песни доминира чувството на блискост меѓу светот на фауната и светот на човекот, како и потребата од нивно заемно разбирање и почитување.
- „Со една четка два зајака“ е поетско надоврзување на долга низа книжевни дела од автори, како Хомер, Сервантес, Апулеј, Едгар Алан По и други, кои во своето творештво се инспирирани од животните – од нивното присуство како мотив и симбол. Воедно, книгата се надоврзува и на македонската книжевна традиција – животните се присутни во делата на Блаже Конески, Ацо Шопов и други. Би сакал да им се заблагодарам на сите тие автори кои ме инспирирале, бидејќи станува збор за една универзална љубов на луѓето кон другите форми на живот. Дел од стиховите се инспирирани од посетите на зоолошките градини низ светот, од моето детство, но и од патувањата со моите синови. Каде и да сме патувале семејно, зоолошките градини секогаш биле неизоставен дел од тие искуства – рече Мартиновски, кој откри дека илустрацијата на корицата на книгата е всушност слика која ја има насликано неговиот син Филип. Сликата „Два зајака“, заедно со уште неколку други негови дела беа изложени во книжарницата за време на промоцијата.
Авторот истакна дека во оваа книга, метаморфозата е присутна во неколку циклуси, а особено во оној во кој поезијата, како продукт на јазикот, се поврзува со формите на живот.
- Дел од песните почиваат на постапката на мимикрија, која воспоставува врски меѓу две нешта – нешто што, веројатно, го прави и целата уметност… Метафората е длабоко мимикриска постапка. На пример, Џибран вели дека откривањето на тајните врски меѓу нештата е главната улога на уметникот, односно поетот – најнапред за себе, а потоа и за другите. Секако, не би ја свел поезијата само на неколку аспекти; сметам дека тие се значајни токму затоа што се меѓусебно преплетени – рече авторот.
Промотор на книгата – Иван Џепароски истакна дека „Со една четка два зајака“ е поетска книга обликувана во духот на современото време.
- Таа претставува успешно поетско понирање во светот и во животот на животните претставени на еден игрив и необичен начин. Биоетичкиот и екопоетичкиот строеж на песните не носи во себеси само една филозофска или етичка насоченост, односно една едукативна или културолошка функција туку, пред сè, песните од оваа книга претставуваат успешни поетски творби исполнети со длабоко доживеани чувства за единството на природата и животинскиот свет со светот на човекот, односно со светот на поетот – подвлече промоторот.
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач, антологичар. Работи како редовен професор по предметите Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle во 2007 година. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја извршува функцијата декан од септември 2023 година. Актуелен претседател е на Македонскиот ПЕН-центар. Досега има објавено 12 стихозбирки за возрасни и три поетски книги за деца.

Македонски



