Skip to main content

Кардиохирургот Едис Љајиќ по потекло од Македонија со помош на роботски систем во Германија оперираше скопјанец со коронарна срцева болест

Д-р Едис Љајиќ

Македонски државјанин од Скопје, кој во моментов живее и работи во Германија, е опериран со хируршкиот роботски систем da Vinci на Клиниката за кардиохирургија во Центарот за срце во Дуизбург, Германија. Операцијата ја извел тим предводен од доктор Едис Љајиќ, кардиохирург, специјализиран за минимално инвазивна кардиохирургија и раководител на секторот за роботска кардиохирургија, кој исто така е по потекло од Македонија.

Јас и мојот тим од Дуизбург ја имавме честа нашиот сограѓанин да го оперираме со хируршкиот роботски систем da Vinci, со кој ние рутински ги изведуваме овие интервенции, што е најсовремена, минимално инвазивна метода. Станува збор за 31-годишен пациент, маж, со дијагностицирана коронарна срцева болест, кој беше примен на нашата клиника. Операцијата траеше околу два и пол часа и помина одлично. Пациентот се опоравуваше брзо и без компликации и само пет дена по операцијата на отворено срце ќе биде отпуштен на домашно лекување, во одлична општа состојба, вели за МИА доктор Љајиќ.

Љајиќ појаснува дека пациентот моментално престојува во Германија поради привремена, сезонска работа и е здравствено осигуран преку германскиот работодавач, а не преку македонскиот Фонд за здравствено осигурување.

Фото: Д-р Едис Љајиќ

Тој е првиот македонски пациент кој е опериран со оваа високо модерна роботска техника, и тоа од страна на друг македонски граѓанин, вели докторот.

Едис Љајиќ работи како кардиохирург на Клиниката за кардиохирургија во Центарот за срце во Дуизбург, Германија. Специјализиран е за минимално инвазивна кардиохирургија и го води секторот за роботска кардиохирургија во оваа здравствена установа.

Како што појаснува, овој тип кардиохирургија претставува најсовремена техника која во Германија моментално се изведува само во два центри – тој во Дуисбург и во реномираната клиника „Шарите“ во Берлин. На ниво на цела Европа, додава, ваков тип на кардиохирургија се спроведува во не повеќе од 15 центри.

Фото Доктор Едис Љајиќ

Поврзани вести