
Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани се авторите чии дела се избрани за најдобри во 2025 година и ги добиваат годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Одлуките на одделните жири-комисии за секоја од петте годишни награди на ДПМ беа соопштени денеска на прес-конференција. ДПМ ќе им ги врачи наградите на годинашните добитници в петок, 13 февруари, во 12 часот на свеченост по повод 79-годишнината од основањето на писателската асоцијација.
За наградата „Стале Попов“
- „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски („Чудна шума“)
- „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска („Арс Ламина“)
- „Арагон“ од Михајло Свидерски („Антолог“)
- „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина“)
- Жири-комисијата во состав: Соња Стојменска-Елзесер (претседателка), Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски (членови) – со мнозинство
…„Романот „Три Марии“ посебно се издвојува од годинешнава прозна продукција со стилската перфекција и со раскрилувањето на потенцијалите на јазикот, кој под перото на Ќорвезироска понира во замрсените емотивни јазли на женските ликови и во сите три приказни се реализира со посебна наративна техника: раскажување во трето лице, во јас-форма и во облик на обраќање. Интересен е и провоцираниот култ кон засведоченост на раскажаното со употреба на проверливи реалии, но истовремено и изместување на оптиката со соништа, визии и зачудни елементи“…, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
За наградата „Ацо Шопов“
- „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“)
- „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова („Или-или“)
- „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“)
- Жири-комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Ристо Василевски и Милован Стефановски (членови) – едногласно
…„ Метафизичкиот строеж на спокојните стихови на Цветкоски пленува со својата продлабоченост, префинетост и музикалност, покажувајќи ни по којзнае кој пат дека вистинската и врвна лирска поезија умее да нè вознесе и да нè отргне од баналноста и од тривијалноста на неосмисленото живеење, но и дека со својата автентичност на доживувањето на светот поетот може да ја оствари и толку посакуваната хармонија меѓу мислењето и пеењето…“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
За наградата „Ванчо Николески“
- „Тринаесеттиот“ – Лидија Димковска („ТРИ“)
- „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети („Или-или“)
- „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски („Арс Ламина“)
- Жири-комисијата во состав: Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови) – едногласно
…„Книгата ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самопознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање…“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
За наградата „Димитар Митрев“
- „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“)
- „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска („Матица“)
- „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска („Полица“)
- „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“)
- Жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска (членови) – едногласно
…„Книгата ја чинат дваесет и три студии и соопштенија..Она што е ненаметливо, но консеквентно присутно во овие студии е проследувањето на транснационалните аспекти на современата книжевна продукција…“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
За наградата „Мост“
- “Embsuame Paskajore” („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани („Академска мисла“)
- “Pronicanje tišine” („Проникнување на тишината“) од Љерка Тот Наумова („Академска мисла“)
- “Atdheu: burrë pa grua” („Татковината: маж без жена“) од Каљош Челику („Сојуз на писатели Албанци на Македонија“)
- Жири-комисијата во состав: Делвина Крлуку (претседателка), Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ Стојковска (членови) – едногласно
…„Причините за избор на оваа поетска книга се повеќеслојни и се однесуваат токму на она што е најважно за еден сериозен книжевен зафат: концепт, кохерентност, препознатливост и долгорочна вредност…“, се вели меѓудругото во образложението на жирито.
Во петок, 13.2.2026 г., во 12 часот во ДПМ ќе се одржи свеченото доделување на традиционалните годишни награди на ДПМ. На настанот, со кој ќе се одбележат 79 години од основањето на Друштвото на писателите на Македонија, свои настапи ќе имаат Добрила Грашеска (вокал) и Бранислав Николов (гитара).

Македонски



