
Шефот на данската дипломатија, Ларс Леке Расмусен, изјави дека верува оти преговорите со САД за Гренланд можат да доведат до решение што го почитува територијалниот интегритет и правото на самоопределување на арктичкиот остров.
По повторените закани од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја преземе контролата врз Гренланд, САД, Данска и Гренланд кон крајот на минатиот месец почнаа дипломатски разговори за иднината на оваа полуавтономна данска територија.
Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека секое решение мора да ги почитува нашите црвени линии. Сепак, почнавме дискусии. Го гледам ова како јасен знак дека е можно да се најде решение кое ги почитува нашите црвени линии“, рече Расмусен на прес-конференција во главниот град на Гренланд, Нуук.
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, изјави дека Гренланд „сè уште не е таму каде што би сакале да бидеме“.
Долг е патот напред, па затоа е прерано да се каже каде ќе завршиме“ изјави министерката .
Мотцфелд и Расмусен во Нуук имаа средба со шефицата на канадската дипломатија, Анита Ананд, каде вчера Канада отвори конзулат, како и Франција, пренсе ДПА.
Расмусен го опиша новиот канадски конзулат како „нов почеток“ и „добра можност за зајакнување на нашата веќе постоечка соработка“.

Македонски



