
Конвој на сириските безбедносни сили се упати кон градот Хасака, североисточна Сирија. Досега, Хасака беше под контрола на курдските сили.
Распоредувањето на сириските сили во Хасака е дел од договорот помеѓу владините и курдските сили, со кој е предвидено распуштање на курдските сили како посебни воени формации и нивна интеграција во сириската армија и во администрацијата.
Договорот за прекин на огнот е постигнат откога Сириските демократски сили (СДФ) во судир со сириската армија во јануари изгубија контрола врз голема територија во источна и во cеверна Сирија.
Новиот командант на внатрешните безбедносни сили во провинцијата Хасака, Марван ал-Али, именуван од Дамаск, ги повика своите сили да ги „спроведуваат безбедносни мисии во согласност со утврдените планови и целосно да се придржуваат кон законите и прописите“.
Локалните курдски власти соопштија дека го прифаќаат договорот за прекин за да „ја гарантираат безбедноста на жителите“.
Курдите за време на граѓанската војна во Сирија (2011 – 2024) воспоставија автономна зона во северниот и североисточниот дел на Сирија. Со договорот за прекин на огнот завршуваат надежите на Курдите за воспоставување поголема автономија.
Во согласност со договорот за прекин огнот курдските сили треба да се повлечат источно од реката Еуфрат, сириската влада ќе ги преземе воено и административно контролираните провинции Деир ез-Зор и Рака. Сите гранични премини, гасни и нафтени полиња во областа, исто така ќе бидат предадени на сириската влада.

Македонски



