Skip to main content

Мираковски: Наша цел е подобрување на квалитетот, конкурентноста и меѓународната позиција на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

МИА/УГД-Штип

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип оваа година ќе реализира проекти што имаат директен ефект врз студентите и наставниот кадар, но и на инвестиции што ќе го позиционираат Универзитетот како стабилен и препознатлив научно-истражувачки и образовен центар на национално, па дури и регионално ниво, вели во интервју за МИА ректорот на Универзитетот Дејан Мираковски.

Тој посочува дека активностите за изградба на нова зграда на Медицинскиот факултет и на Студентски дом се наоѓаат во напредна фаза на технички анализи и подготовка на проектна документација, кои се реализираат согласно сите законски и административни процедури. Мираковски нагласува дека учеството на УГД-Штип во Европската алијанса на универзитети ACE²EU, во која членки се девет европски универзитетки, на студентите им овозможува да стекнат знаења и компетенции кои се барани на нашиот, но и на европскиот пазар на труд, како и да бидат рамноправен дел од европска академска заедница.

Ректорот на УГД-Шти во интервјуто за МИА говори и дека во услови на развивање на Вештачката интелегенција и нејзината примана во образованието, стопанството и во секојдневието, целта и улогата на високо – образовните институции е да ги подготват студентите да ја користат технологијата како поддршка во учењето, истражувањето и професионалниот развој, а не да бидат заменети од неа, при што човековата креативност, одговорност и критичка мисла ќе останат клучни компетенции.

Во продолжение целото интервју со Дејан Мираковски ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип: 

Ректоре Мираковски,  кои се приоритетни проекти на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип во 2026 година?

Оваа 2026 година ја гледаме како година на консолидација и квалитативен исчекор. Приоритетите се јасно поставени во три основни насоки и тоа: подобрување на инфраструктурата и условите за студирање, јакнење на научно-истражувачките капацитети и подлабока меѓународна интеграција.

Фокусот е ставен на проекти што имаат директен ефект врз студентите и наставниот кадар, но и на инвестиции што ќе го позиционираат Универзитетот како стабилен и препознатлив научно-истражувачки и образовен центар на национално, па дури и регионално ниво.

Во моментов се реализираат повеќе научно-истражувачки и апликативни проекти, во соработка со партнерските универзитети и со стопанството. Дијапазонот е навистина широк – од иновативни технологии за мониторинг на квалитетот на водите во речиси реално време, до развој на нови аналитички и дигитални алатки во медицината. За резултатите јавноста ќе биде навремено информирана по заокружување на активностите.

Во 2025 година  најавена е инвестиција во нов објект на Медицинскиот факултет и на Студентски дом. До каде е целата постапка и кога ќе почне реализацијата на овие два проекта?

Овие два проекта претставуваат клучни инфраструктурни инвестиции за Универзитетот. Постапките се во надлежност на Министерството за образование и наука и Владата, и според информациите со кои располагаме, овие активности се наоѓаат во напредна фаза на технички анализи и подготовка на проектна документација, кои се реализираат согласно сите законски и административни процедури.

Новиот објект на Медицинскиот факултет е замислен како современ образовно-научен простор, со функционални лаборатории,  мулти-функционални наставни простотии и напредни симулациски капацитети, што значително ќе го унапреди квалитетот на практичната и теоретската настава за идните лекари.

Проектот за Студентскиот дом е насочен кон обезбедување достоинствени и современи услови за престој, со посебен акцент на енергетска ефикасност и усогласување со стандардите соодветни на потребите на денешните студенти.

По завршување на формалните постапки, очекуваме започнување на реализацијата и се надеваме дека во текот на оваа година ќе можеме да ги видиме и првите конкретни резултати од овие активности.

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ станува поатрактивен за идните студенти, бидејќи сте дел од европската Алијанса на Универзитети. Што им нуди оваа Алијанса на идните студенти? 

Членството во ACE²EU – Алијансата на применети, поврзани, претприемачки и ангажирани универзитети им отвора на студентите конкретни и навистина вредни можности за развој. Алијансата обединува девет европски универзитети и е дел од иницијативата за Европски универзитетски алијанси, која е финансиски поддржана од Европската Унија со значителни ресурси што овозможува екстензивна и одржлива реализација на сите планираните активности и проекти, со учество на навистина голем број студенти.

За студентите, тоа значи пристап до заеднички интернационални студиски програми, академска мобилност, размена и учество во активности како летни школи, меѓународни натпревари и заеднички проекти. Преку овие активности тие развиваат иновативни, претприемачки и интердисциплинарни вештини, усогласени со европските образовни стандарди. Крајна цел е студентите да стекнат знаења и компетенции кои се барани на нашиот, но и на европскиот пазар на труд, како и да бидат рамноправен дел од европска академска заедница. Со други зборови, тие добиваат европско искуство и знаење додека студираат во Штип, а нивните знаења и дипломи стануваат признаени и поконкурентни не само на национално, туку и на европско ниво.

 Дали членувањето во оваа Асоцијација значи и нови инвестиции и во кој дел?

Да, но овие инвестиции не треба да се гледаат исклучиво низ призма на класични инфраструктурни вложувања. Најголемата додадена вредност е токму во инвестициите во знаењето, луѓето и институционалните капацитети.

Членувањето овозможува поголемо учество во европски проекти, заеднички научно – истражувачки активности, модернизација и опремување лаборатории преку меѓународни фондови, како и континуиран развој на наставниот и истражувачкиот кадар. Станува збор за вложувања кои генерираат долгорочни ефекти низ подобрување на квалитетот, конкурентноста и меѓународната позиција на Универзитетот.

Иако е вообичаено најголемите ефекти од ваквите соработки да се валоризираат на среден и долг рок, ние уште во првата година од членувањето забележавме значително зголемување во меѓународната проектна соработка и иницирање на голем број заеднички образовни и научно – истражувачки проекти со партнерските универзитети, што е јасен показател за реалната вредност на Алијансата.

Според вас во која насока ќе се развиваат универзитетите имајќи во предвид дека светот е веќе соочен со предизвикот Вештачка интелегенција?

Вештачката интелигенција е голема промена, која што мора одговорно да се интегрира и која несомнено ќе има силно влијание врз целото општество, вклучително и врз начинот на кој функционираат универзитетите. Таа секако носи нови можности, но и обврски за навистина внимателно и етичко користење.

Во тој контекст, верувам дека фокусот во високото образование постепено ќе се поместува од репродукција на информации кон развој на критичко размислување, интердисциплинарни пристапи, аналитички вештини и практична примена на знаењето. 

Универзитетите ќе треба да создаваат кадар што знае да работи со овие напредни технологии, но истовремено ќе ги разбира нивните ограничувања и општествени импликации.

Нашата улога е да ги подготвиме студентите да ја користат технологијата како поддршка во учењето, истражувањето и професионалниот развој, а не да бидат заменети од неа, при што човековата креативност, одговорност и критичка мисла ќе останат клучни компетенции.

Штипскиот Универзитет е познат по својата научна работа, особено во делот на истражувањето на лабораторијата АМБИКОН, кон крајот на декември ја отворивте и лабораторијата за циркуларна економија. Ќе имаме ли некои новини во делот на научното истражување во текот на 2026 година?

Да, и тоа во повеќе сегменти. По отворањето на лабораторијата за циркуларна економија, во текот на оваа година продолжуваме со понатамошно проширување и унапредување на истражувачките капацитети, со посебен фокус на областите од стратешко значење за државата и регионот, како што се одржливиот развој и животната средина, медицината и фармацијата, развојот на нови материјали и применетите научни дисциплини.

Паралелно се работи и на нови научно – истражувачки и апликативни проекти, во соработка со партнерски универзитети и со стопанството, при што акцентот е ставен на интердисциплинарни решенија и практична примена на научните резултати. Нашиот фокус е науката да не остане затворена во лабораториите, туку да биде директно поврзана со реалните потреби на општеството и индустријата, а преку тоа да придонесува за одржлив развој, иновации и подобрување на квалитетот на живот.

Според студентите, Штипскиот е најдигитализиран универзитет во земјата. Размислувате ли да одите чекор понатаму во дигитализацијата?

Дигитализацијата за нас никогаш не била завршен проект, туку континуиран процес. Фактот што студентите го препознаваат Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип како најдигитализиран универзитет во земјата го потврдува правецот по кој се движиме. Нашата амбиција е не само да го задржиме тоа лидерство, туку и дополнително да го унапредуваме.

Веќе подолг период работиме на развој на нова интегрирана платформа која нема да биде само софтверско решение, туку систем што ќе овозможи подобро корисничко искуство, попаметно користење на податоците, поефикасна и директна комуникација со студентите и значително поедноставен и административни процедури. Целта ни е Универзитетот да функционира брзо, транспарентно и сервисно ориентирано, со минимална бирократија, што денес е возможно единствено преку напредни и добро осмислени дигитални алатки.

Во која насока треба да оди развојот на високото образование?

Високото образование на иднината мора да биде флексибилно, поврзано со реалниот сектор и насочено кон квалитет, а не квантитет. Наместо формално исполнување на програми, потребно е создавање компетентни, самостојни и одговорни млади луѓе. Универзитетите треба да бидат двигател на општествениот развој, а не само формални институции на кој се стекнува некаква диплома.

Нашата цел не е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип да биде најголема, туку релевантна, ангажирана и одговорна институција. Универзитет кој им дава знаење, но и насока на младите луѓе. Универзитет кој создава наука што има смисла и образование што има реална вредност. Токму затоа верувам дека инвестициите во високото образование се инвестиции во иднината на државата, а ние како Универзитет имаме обврска таа иднина да ја градиме со квалитет, визија и интегритет. 

Викторија Димитрова Јованова

Поврзани вести