Skip to main content

Почина 12-годишното момче нападнато од ајкула во Австралија

Дванаесетгодишно момче почина една недела по напад од ајкула во сиднејското пристаниште, откако се здоби со тешки повреди на двете нозе, соопшти неговото семејство, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Станува збор за австралискиот државјанин Нико Антиќ, кој беше тешко повреден во неделата во населбата Воклиз, на околу девет километри од деловниот центар на Сиднеј. Во моментот на инцидентот, момчето со група другари скокало од карпи во морето.

Според информациите, ајкулата го нападнала додека бил во вода, нанесувајќи му сериозни повреди на двете нозе. Неговите пријатели успеале да го извлечат на брегот, по што бил итно пренесен во болница.

Од Итната медицинска помош соопштија дека момчето било извлечено од водата кај плажата Шарк, во рамки на паркот Нилсен, во источниот дел на Сиднеј. Тој бил транспортиран во Детската болница во Сиднеј, каде лекарските тимови се обидувале да го спасат поради сериозноста на повредите, но по една недела борба за животот, момчето им подлегнало.

По инцидентот, плажата на која се случи нападот беше затворена, а полицијата упати апел до граѓаните да избегнуваат влегување во морето. Локалните медиуми наведуваат дека заштитната мрежа за ајкули во паркот Нилсен била оштетена за време на силните бранови во април 2025 година, а поправките биле завршени на почетокот на декември. Се претпоставува дека момчето во моментот на нападот се наоѓало надвор од заштитената зона.

Случајот предизвика зголемена загриженост во Австралија, особено по серијата напади од ајкули во последните денови, поради кои беа затворени десетици плажи, вклучително и во поширокиот регион на Сиднеј. Само во рок од два дена биле регистрирани четири напади.

Според податоците на организациите за заштита на природата, во Австралија годишно во просек се евидентираат околу 20 напади од ајкули, од кои приближно три завршуваат со смртен исход.

Поврзани вести