
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски утрово гостуваше во утринската програма на Радио Лидер, каде се осврна на прошталната порака на американската амбасадорка Ангела Агелер, која ја напушта Македонија по завршувањето на својот мандат.
Николоски истакна дека му е драго што амбасадорката ги препознала промените и напредокот во инфраструктурниот сектор, нагласувајќи дека Владата вложува значителна енергија во реализација на крупни проекти какви што, како што рече, Македонија немала во минатото. Тој посочи дека токму во периодот на мандатот на Агелер, со нејзина поддршка, биле започнати три нови автопатски делници – Прилеп–Битола, Букојчани–Гостивар, позната како Стража, како и автопатската делница Гостивар–Тетово, оценувајќи дека станува збор за навистина големи и значајни инфраструктурни зафати. Дополнително, најави дека наскоро ќе започне и четврта автопатска делница.
Вицепремиерот се осврна и на присуството на амбасадорката Агелер во Гуешево, при потпишувањето на договорот за железничко поврзување, оценувајќи дека нејзиното присуство и поддршка имале големо значење. Според Николоски, Агелер дала силна поддршка за проектот за изградба на брза железничка пруга на потегот север–југ, што, како што рече, претставува уште еден важен чекор за унапредување на транспортната инфраструктура во земјава.
Николоски ја оцени соработката со амбасадорката како одлична и ја опиша како врвен дипломат, изразувајќи задоволство што таа била дел од процесите во државата во изминатиот период. Тој додаде дека се надева оти на нејзино место ќе дојде подеднакво добар, а можеби и уште подобар дипломат, нагласувајќи дека признавањето на постигнатите успеси и меѓусебната соработка се од исклучително значење за односите меѓу двете држави.
Во заклучокот, Николоски истакна дека Македонија е мала држава на светската политичка сцена, но дека поддршката и соработката со САД, како најголема светска сила, има голема тежина и значење за напредокот на земјата, изразувајќи надеж дека пријателството и заедничките напори меѓу двете држави ќе продолжат и во иднина.

Македонски




