Skip to main content

СДСМ обвини за „тендерска пирамида“, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата

МРО-ДПМНЕ остро ги отфрли обвинувањата што денеска ги изнесе СДСМ за наводна „тендерска пирамида“ вредна 16 милиони евра, оценувајќи ги како неосновани политички конструкции без ниту еден конкретен доказ.

Од владејачката партија порачаа дека сите јавни набавки во општините и во Град Скопје се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки кои се достапни за проверка од сите надлежни институции.

„СДС продолжува со старата матрица на шпекулации, без факти и без докази. Сите јавни набавки се спроведени законски и транспарентно“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ, наместо да пласира анонимни наводи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали од периодот на нивното владеење.

Претходно, Антикорупцискиот тим на СДСМ на прес-конференција објави дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ од 2022 година до денеска добила 51 тендер во општини управувани од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, со вкупна вредност од околу 16 милиони евра.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека фирмата добивала најмногу тендери во општините Аеродром и Гази Баба, но и во други општини како Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија, како и од Град Скопје. Според него, дел од договорите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит, а последниот тендер со Град Скопје, вреден 320.000 евра, бил склучен во декември 2025 година.

Фрчкоски побара институциите – Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК – да постапат по, како што рече, серијата објавени случаи за јавни набавки.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека ваквите прес-конференции се обид за дефокус од реалните проблеми и одговорностите на СДСМ од минатото, потенцирајќи дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не дневнополитички конструкции.

Поврзани вести