
Руските власти денеска соопштија дека бројот на жртви од украинскиот напад со беспилотно летало, за кој велат дека погодил кафуле во село окупирано од Русија во украинскиот Херсонски регион, се искачил на 27, а Киев негира напади врз цивилни цели.
Светлана Петренко, портпаролка на рускиот Истражен комитет, објави дека во украинскиот напад со беспилотно летало врз кафуле и хотел во селото Хорли, каде што најмалку 100 цивили ја славеле Новата година, загинале 27 лица, меѓу кои и двајца малолетници. Вкупно 31 лице, меѓу кои и пет малолетници, се хоспитализирани со повреди.
Покрената е кривична истрага по обвинение за извршување терористички акт, изјави Петренко.
Портпаролот на украинскиот Генералштаб, Дмитро Лихови, ги негираше нападите врз цивили. Тој вчера изјави за украинскиот јавен сервис „Суспилна“ дека украинските сили „се придржуваат кон нормите на меѓународното хуманитарно право“ и „извршуваат напади исклучиво врз руски воени цели, објекти на рускиот сектор за гориво и енергија и други легитимни цели“.
Лихови рече дека Генералштабот објавил експлицитен список на цели што украинската армија ги погодила ноќта од 31 декември до 1 јануари, што не ги вклучувал окупираните делови од регионот Херсон.
Лихови истакна дека Русија постојано користела дезинформации и лажни изјави за да ги попречи тековните мировни преговори.
Американските медиуми не можеа независно да ги потврдат тврдењата за нападот.
Обвинувањата на Русија против Украина доаѓаат во време кога САД водат дипломатски притисок за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина. Москва оваа недела тврдеше дека Киев користел беспилотни летала со долг дострел за да ја нападне резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во северозападна Русија преку ноќ.
Киев го нарече наводниот напад врз резиденцијата на Путин трик за попречување на тековните мировни преговори што се интензивираа од двете страни на Атлантикот во последните недели.
Во своето новогодишно обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека мировниот договор е „90 отсто готов“, но предупреди дека преостанатите 10 отсто, за кои се верува дека вклучуваат клучни точки на спор, како што се територијата, „ќе ја одредат судбината на мирот, судбината на Украина и Европа, како ќе живеат луѓето“.
Русија синоќа вкупно лансираше 116 дронови со долг дострел кон Украина, наведуваат украинските воздухопловни сили, кои објавија дека 86 дронови биле пресретнати, додека уште 27 ги достигнале своите цели.
Руското Министерство за одбрана денес објави дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала 64 украински дронови над неколку руски региони во текот на ноќта.

Македонски






