
Плоштадот Коѕија пред општинската зграда каде што се наоѓа и божиќниот маркет, синоќа беше исполнет со илјадници насмеани лица на сите возрасти, кои подоцна, атинското небо го исполнија со над 3.000 хартиени фенери со нивните желби.
Манифестацијата секоја година се одржува на Бадник, меѓутоа поради дождот во вторникот беше одложена и презакажана за среда.
Одзивот на граѓаните беше огромен, општината обезбеди бесплатни биоразградливи хартиени фенери, што им беа поделени на присутните, меѓутоа имаше и улични продавачи кои го искористија големиот интерес на граѓаните и продаваа хартиени фенери по цена од пет евра, иако во продавниците цената е пет пати пониска.

Илјадниците фенери на украсениот плоштад и божиќниот маркет создадоа магична глетка и бајковита атмосфера, проследена со празнична музика.
Дел од присутните на самите фенери ги испишаа нивните желби.

Атинскиот градоначалник Харис Дукас рече дека на манифестацијата, „Атина се исполни со светлина и љубов“.
– Три илјади биоразградливи фенери, повеќе од кога било досега, полетаа кон небото, носејќи ги со себе нашите надежи, соништа и очекувања. Во овој магичен момент, нашиот град потсетува дека неговата сила е во луѓето, во солидарноста, соживотот и вербата во подобро утре. Посакувам светлината што вечерва ја испративме високо да се врати во секоја населба како оптимизам, човечност и насмевка, порача Дукас.

Манифестацијата „Ноќ на желбите“, веќе неколку години се одржува во Атина за Божиќ, во организација на општината.

Македонски







