Skip to main content

Празнична атмосфера и магија во божиќните паркови во Атина

Дрвени куќарки, активности за децата, вртелешки, лизгалишта или со еден збор празнична атмосфера, нудат божиќните тематски паркови во Атина, кои од година во година стануваат сè побројни и сè попопуларни, а сите имаат една цел: да ја збогатат празничната магија, да им понудат забава на најмладите, но и на повозрасните, јави дописничката на МИА од Атина.

Речиси секоја општина во рамките на празничните активност, на централните плоштади постави и тематски паркови што наликуваат на мали божиќни маркети, но сепак највпечатливите и најпопуларни се оние поголемите, што секоја година работат од крајот на ноември или почетокот на декември до првата седмица од јануари.

Поголемиот дел од празничните паркови нудат бесплатен влез и низа бесплатни активности, но има и такви во кои се плаќа билет од околу десет евра.

Магичните светла во најголемото божиќно село во Атина

Големиот јавен парк Педион ту Ареос (Полето на богот на војната Арес) во централна Атина, втора година по ред во организација на периферијата Атика, е претворен во божиќно село со светлосни инсталации, музичка програма и активности за деца и семејства.

Станува збор за најголемиот божиќен парк, со бесплатен влез, спонзориран од приватна компанија за електрична енергија, а на посетителите им нуди низа активноси, лизгалиште, вртелешка, магични светла, академија за храна за најмладите, но и секојдневни забави со диџеи.

За популарноста на паркот говори и фактот што во одредени денови, во вечерните часови движењето на просторот е особено тешко поради огромниот број посетители, а меѓу нив и Грци, но и туристи.

Во божиќното село има активности за најмладите, но и 40 дрвени куќички од кои може да се купат, слатки, храна, празнични сувенири, пијалаци и сл.

Највпечатлив (и најпосетен) е „Protergia Magic Lights“, делот со магични светла, односно патека на која се испреплетуваат светла во различни бои, креација на познатиот грчки дизајнер на осветлување Јоргос Телос.

Со менување на боите, видот и насоката на сијаличките се создава спектакуларно шоу со светлосни и ефекти.

Паралелно, во божиќниот парк секојдневно има и музичка програма со концерти на грчки пејачи и забави со диџеи.

Влезот е слободен, а паркот е отворен секој ден, преку недела во попладневните часови, а за време на викендите во текот на целиот ден.

Божиќен маркет на општина Атина

Општина Атина оваа година за прв пат отвори божиќен маркет на плоштадот Коѕија пред општинската зграда, каде што се поставени десетици накитени и осветлени дрвени куќарки. 

Како и во сите божиќни паркови и божиќни маркети, така и во општинскиот, посетителите можат да уживаат во вкусни јадења, топли напитоци и да купат празнични подароци за најблиските.

За најмладите, постои вртелешка што е бесплатна, но и специјално уреден простор за деца (Kids Corner), каде што секојдневно се организираат креативни активности за децата.

Божиќниот маркет беше отворен минатиот викенд, ќе работи до 6 јануари, а влезот е бесплатен.

Во рамките на активностите организирани од општина Атина, токму кај божиќниот маркет, во петокот вечерта се одржа и манифестацијата „Ноќ на желбите“, кога илјадници хартиени фенери го исполнија атинското небо, создавајќи магична атмосфера.

Илјадници граѓани, преку хартиени фенери ги испратија нивните желби за Новата година на традиционалната манифестација „Ноќ на желбите“ организирана од општина Атина, создавајќи магична атмосф

Во грчката метропола постојат уште низа други помали и поголеми божиќни паркови и божиќни маркети.

Еден од постарите е во поранешниот индустриски простор Технополис на општина Атина, под името „Christmas Factory“, каде што влезницата е десет евра по лице, а постојат и пакети за семејства, но и пакет влезница заедно со билети за лунапаркот што е во рамите на божиќното село.

Цените се слични и во „Santa Claus Kingdom“ сместен во мултифункционалниот изложбен центар во источниот дел на областа Атика, на околу 16 километри од центарот на Атина.

Културниот центар на Фондацијата „Ставрос Ниархос“ и оваа година се трансформира во волшебна божиќна дестинација каде светлина, уметност и радост се спојуваат за да создадат уникатно искуство.

Најмладите може да уживаат на лизгалиштето поставено на каналот со вода пред самиот објект, заедно со родителите можат да учествуваат во работилници, да купат рачно изработени подароци, да уживаат во храната и секојдневната музичка програма.

Кафулето-слаткарница во центарот на Атина со бајковита декорација

За да се комплетира празничната магија во центарот на Атина, неизбежна е посета и на кафулето-слаткарница „Литл Кук“, местото што веројатно важи за едно од најпопуларните и најфотографираните дестинации во грчката престолнина, не само за Божиќ и Нова година, туку и во текот на целата година, поради импресивната тематска декорација, што се менува во зависност од периодот.

Импресивна е не само внатрешноста, туку и целиот надворешен дел на кафулето, што секојдневно го посетуваат стотици граѓани, пред сè туристи, кои се восхитуваат на новогодишните светилки, украси и целата празнична декорација.

Иако директно неповрзано со божиќните паркови и божиќните маркети, сепак индиректно и „Литл Кук“ ја збогатува празничната атмосфера во грчката престолнина.

Кафулето се наоѓа во центарот на Атина, во населбата Псири, во непосредна близина на плоштадот Монастираки, на десетина минути пеш од плоштадот Синтагма.

Организирани дочеци на Нова година на плоштади во Атина и Солун

Плоштадот Синтагма веќе еден месец е во новогодишно руво со 19-метарската елка, украсена со црвени и златни новогодишни топки, впечатливи украси од осветлен плексиглас во различни форми, како и 3.000 метри светлечки ленти.

Во новогодишно руво уште од почетокот на месецов се и сите други грчки градови и подготвуваат специјална програма за дочек на Новата година.

Од општина Атина, на организираниот дочек на плоштадот Синтагма и оваа година најавуваат забава што ќе започне со мелодиите на општинскиот филхармониски оркестар, а ќе продолжи со концерт на познати грчки пејачи, а токму на полноќ, по втор пат ќе се користи бесшумен огномет, но и стотици дронови со спектакуларно шоу.

Во Атина, организиран дочек ќе има и во божиќното село на Периферијата Атика со концерт на позната грчка пејачка Елени Фуреира, додека пак концерти за дочек на 2026 година ќе има и во Културниот центар на Фондацијата „Ставрос Ниархос“, каде што веднаш по полноќ ќе се одржи и традиционалниот 2026 FIRST RUN, првата трка во годината.

Во Солун, оваа година за дочек на Новата година закажана е забава на отворено кај Белата кула со учество на познати диџеи од светски ранг, проследено со ласерско шоу.

Сања Ристовска – дописничка на МИА од Атина

Поврзани вести