
Денес сакам да ве информирам за една исклучително важна законска измена која директно го засега животниот стандард на граѓаните и пристапот до сопствен дом, истакна на прес-конференција, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска.
На денешната пленарна седница во Собранието, ќе ја усвоиме измената на Законот за данокот на додадена вредност, со која се продолжува примената на повластената даночна стапка од 5% ДДВ при прво купување на стан, наместо досегашните 18%.
Со ова законско решение, повластената стапка од 5% ќе важи до декември 2028 година и ќе се применува при прв промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели.
Ова значи дека за стан од околу 70 метри квадратни, граѓаните можат да заштедат и до 15.000 евра, секако, во зависност од купопродажната цена.
Тоа е сериозна и реална поддршка, а не декларативна политика. Сакам да потсетам дека според досегашното законско решение беше предвидено зголемување на ДДВ од 5% на 18% од јануари 2026 година, што реално, ќе создадеше услови за ново зголемување на цените на становите на пазарот – истакна Димитровска
Таа вели дека свесни се дека цените на недвижностите веќе се високи и дека голем број граѓани, млади семејства и поединци, тешко доаѓаат до сопствен дом.
Затоа, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја поднесовме оваа законска измена – за да не дозволиме дополнителен ценовен притисок и простор за поскапување од страна на инвеститорите.
На крај, сакам јасно да порачам: Суштината на работата на пратениците во Собранието е носење законски решенија кои реално го подобруваат животниот стандард на граѓаните, а ова е токму еден таков пример – заклучии Димитровска

Македонски






