Skip to main content

Белгија се соочува со епидемија на грип

Во услови кога сè уште е во тек епидемијата на респираторниот РСВ вирус, Белгија се соочува и со епидемија на грип, предупреди белгискиот јавен здравствено истражувачки институт Сајенсано.

Според Институтот, бројот на заболени засега е на ниско ниво и во моментов притисокот врз здравствениот систем е под контрола.

Вирологот Марк Ван Ранст оцени дека ваквата состојба не изненадува и донекаде била и очекувана.

Соседните земји веќе се во режим на епидемија, а сега и ние го преминавме прагот. Ова значи дека бројот на инфекции ќе продолжи да расте во наредните недели, изјави Ван Ранст за белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.

Според него, треба да се почека и да се види и што ќе донесат божиќните и новогодишните празници.

Луѓето се гледаат почесто во овој период и сите се заедно во затворен простор. Тоа е идеално за пренос на вирусот. Затоа, осигурајте се дека имате соодветна вентилација и не ги заразувајте другите ако сте и самите болни, порача Ван Ранст.

Тој посочува дека грипот секогаш треба да се сфаќа сериозно, бидејќи не тоа е сериозно заболување и не постои нешто такво како „слаб грип“.

Во соседните земји, во Велика Британија и во Шпанија гледаме попатоген сој на грип, особено кај постарите лица. Тој може да предизвика малку потешка болест. Ова е сој кој е променет во однос оној од кој штитат овосезонските вакцини, но тоа не значи дека вакцинацијата не останува препорачлива, додаде Ван Ранст.

Здравствените власти предупредуваат дека ризични категории на граѓани за заболување од грипот се истите оние групи како и при ковид пандемијата – повозрасните лица и хронично болните.

Ван Ранст посочува дека статистичките податоци укажуваат оти само 50 проценти од луѓето во овие групи во Белгија се вакцинирани.

Или нашите пораки не стигнуваме до другите 50 проценти или не можеме да ги убедиме, заклучи Ван Ранст.

Поврзани вести