
Во Македонскиот народен театар вечерва во 20 часот ќе гостува Црногорското народно позориште со претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.
„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е нивно прво гостување. По речиси десет години пауза, македонската публика ќе има можност повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги памти трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.

Македонски






