Skip to main content

„Критиката за творештвото на Васко Ташковски“ – ново издание на „Матица македонска“

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Критиката за творештвото на Васко Ташковски“ – издание со најобемен корпус на критички одгласи и оцени за делата на македонски сликар. Уредник и автор на предговорот на книгата е поетот, антологичар, есеист, книжевен критичар и преведувач Раде Силјан, еден од афирматори на вредностите на македонското сликарство.

На над 300 страници, поместени се избрани критички одгласи што го следат развојот на творечкиот пат на водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот за којашто говорат и текстовите на странската критика, како и библиографските единици за присутноста и интересот за неговото творештво и надвор од нашите граници. Поконкретно, текстовите во изданието се подредени хронолошки – од првиот осврт за првата самостојна изложба на академскиот сликар Васко Ташковски како војник во Шибеник во 1965 година, преку критиката на Глигор Чемерски од 1969 година до критичките одгласи од 2021 година кога академик Ташковски, со неговата потрага по рамнотежа меѓу земјата и небото се вреднува како Шагал на модерните времиња… Едновремено, изборот од огромниот број критички одгласи овозможува увид и во широката лепеза интелектуалци што се искажале за вредностите на творештвото на Ташковски – ликовни уметници, ликовни критичари и историчари на уметност, филозофи, естетичари, книжевници, публицисти, новинари, академици… А тоа дополнително упатува за значајното место што Ташковски го има во современата македонска култура, при што за неговото творештво се искажале и сите личности – стожерни чинители на развојот на македонската култура во последната половина век.

Поврзани вести