
Вчера, поезијата на македонската поетеса Ана Голејшка-Џикова беше централен книжевен настан во Љубљана. Вистинските посветеници на поезијата во Љубљана, вчера, цели два часа уживаа во разговорот со неа, во нејзиниот настап и во нејзините стихови, во оригинал и во препев на словенечки јазик. Настанот „АД ХОК“, во градската библиотека „Отон Жупанчич“, којшто е еден од најважните настани во книжевниот живот на Словенија во целост беше посветен на поезијата на Голејшка-Џикова, а разговорот со неа го водеше Соња Цекова-Стојаноска, којашто е авторка на препевите на нејзината поезија на словенечки јазик.
За време на поетското читање настапи и саксофонистот Јошт Драшлер, а визуелниот приказ на поезијата на Голејшка-Џикова го оствари илустраторката Полона Косец. Притоа се случи вистинска синергија на различните форми на уметнички израз – настан од редок формат. Инаку, настанот беше модериран од Петра Коршич, која е авторка и кураторка на серијата настани „АД ХОК“.
– Учеството на еден ваков повеќеслоен настан кој прегрнува поезија, музика и слика е нешто што ми е блиско, што со задоволство го доживувам и му се радувам. Благодарна сум на организацијата за отстапениот простор, за проникливите прашања на Соња Цекова Стојаноска како и на целокупната енергија што ја заокруживме во библиотеката. За жена која сака да пее, ужива во визуелните сензации и притоа (не)случајно е поетеса, овој Ад Хок беше вистинска радост и задоволство. Како да зачекорувам во позната, динамична вода во која лековито исчезнува секоја грижа. Љубљана е таква. Таков беше и настанот, истакнува Голејшка-Џикова по синоќешниот настан.
Денес, Голејшка-Џикова ќе има настап и на манифестацијата „Прешерново оро“ во Крањ.

Македонски







