
– Божиќна музика, импресивна новогодишна декорација, безброј светилки, детски џагор, задоволни и насмеани (детски) лица, мирис на чоколадо, ванила, цимет и свежи колачи … и започнува празничната бајка во божиќниот парк во срцето на грчкиот град Трикала, онаму каде што некогашната индустриска мелница, веќе 14 години по ред се претвора во тематска божиќна приказна, овој пат посветена на Петар Пан – момчето кое не сака да порасне.

На површина од околу шест хектари во магичниот комплекс и возрасните стануваат деца, ѝ се препуштаат на зимската, празнична идила во која, како времето да запира, а оваа години, главни ликови, освен Дедоа Мраз и неговите џуџиња – помошници, се и Петар Пан, заедно со Венди, Ѕвончица, Капетан Кука, кои ве водат во нивната Недојдија.

Дописничката на МИА од Атина го посети градот Трикала, што веќе со години важи за најиновативна грчка општина и е познат по божиќниот парк „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“, што е популарен не само во Грција, туку и пошироко, а меѓу посетителите, има и голем број македонски државјани – на сите возрасти, кои на еднодневна или повеќедневна екскурзија, од различни делови на земјава уживаат во божиќната бајка.

Паркот работи од 21 ноември до 6 јануари, минатата недела беше свечено и официјално отворен, работното време е од 10 до 22 часот, а влезот е бесплатен.

„Си беше еднаш во Недојдија …“ – започнува приказната за Петар Пан на гигантската книга поставена пред самиот влез, а штом се помине главната порта, посетителите, стануваат дел од празнична бајка, како да се префрлаат во една друга димензија.

Можат да ги посетат куќата на Дедо Мраз и лично да се сретнат со него, да му испратат писмо од поштата на неговите џуџиња-помошници, да пробаат колачи од работилницата на Баба Мразица, да влезат во куќичката на дрво на самовилата Ѕвончица, но и да се возат на панорамско тркало, на вртелешки, да лизгаат, како и да вкусат празнични слатки…

Паркот е магичен во текот на целиот ден, но во вечерните часови, под светлината на Месечината и со сите разнобојни светилки, бајката станува реалност.

Петар Пан и Ѕвончица весело, разиграно, позитивно ги пречекуваат најмладите на влезот, а некаде низ огромниот парк, неизбежна е средбата и со Капетан Кука, Венди или друг член на бандата на Петар „Изгубените момчиња“.
При влезот, децата добиваат пасош со мапа од паркот и треба да собираат печати од осум различни локации, каде што активностите се бесплатни, а откако ќе ги соберат сите (вкупно осум) ќе станат и официјален помошник на Дедо Мраз со официјална потврда со нивното име.

Дополнително, поради големиот број посетители и опасноста да се загубат, за безбедноста на децата постои можност, на влезот родителите да пополнат конкретна налепница (со Петар Пан за момчињата и со Ѕвончица за девојчињата) со име и телефон за контакт, што нивните деца ќе ја имаат на себе во текот на целиот престој во паркот.
Не е необично, особено за време на викендите, во божиќното село, да се чујат, освен грчкиот и странски јазици, а не е претерување, ако се каже дека најзастапен е македонскиот.
– Дојдени сме од Скопје со автобус преку туристичка агенција и иако времето за престој во паркот е кусо, сепак е вистинско уживање. Се прашувам, зошто и кај нас не може да се направи нешто слично. Вакви простори постојат…, вели за МИА Македонка која ја сретнавме во божиќното село, каде што беше со нејзиното семејство.

Куќата на Дедо Мраз, поштата на неговите помошници, но и работилницата за слатки на Баба Мразица
Во посебен дел во паркот е домот на Дедо Мраз – неговата санка, куќата со двор, како и поштата на неговите помошници.

До куќата се стигнува преку порта од волшебен замок, покрај огромна новогодишна елка и низа штандови со различни производи, а само неколку чекори потоа е „паркирана“ санката на Дедо Мраз, непосредно пред дворот на неговата куќа.
Пред куќата е едно од џуџињата на Дедо Мраз, кој ги пречекува децата и ги води во собата на Дедо Мраз, каде што можат да поразговараат со него и да се фотографираат.
– Да бидете добри дечиња. Со многу здравје и радост. Среќни празници да имате, е пораката што Дедо Мраз, преку МИА им ја упати на децата.

Децата (но и оние кои не се деца, а се чувствуваат така), имаат можност пред или по средбата со Дедо Мраз да ја посетат неговата пошта, каде што неговата помошничка и едно од неговите џуџиња се задолжени за писмото да пристигне токму до Дедо Мраз.

„Драг Дедо Мраз …“ пишува на почетокот на писмото кое може да се напише, токму во „поштата“ опремена со клупи и столчиња, а пред да биде испратено, добива и официјален печат.

-Не сум толку мала за да верувам во Дедо Мраз, но му напишав писмо, единствено затоа што ме потсетува на детството, но и целата атмосфера е таква, ме навраќа на безгрижните денови од детството, вели млада Гркинка, додека го пишува писмото до Дедо Мраз.
Санката на Дедо Мраз, „паркирана“ пред неговата куќа е местото за да се овековечи моментот, да се запамети, преку фотографија, божиќната магија.

Се фотографираат сите, деца и возрасни, Грци и странски туристи.
– Патуваме со автомобил низ Грција, пребарувајќи ги зимските туристички дестинации во земјата, го видовме и божиќното село, па решивме попатно да застанеме и тука. Планиравме куса посета, но веќе два часа сме овде, велат за МИА повозрасни Германки додека се фотографираат на санката на Дедо Мраз.

Но, не е само куќата на Дедо Мраз, во божиќното село е и Баба Мразица со нејзината работилница за слатки, каде што при самиот влез мирисот на ванила, чоколада, цимет ве води низ просторот.

Лунапарк и божиќни штандови за сите возрасти и вкусови
Колачи, крофни, лукумадес, капкејк, мафини, традиционални божиќни слатки, нема само во работилницата на Баба Мразица, туку и на штандовите што се распространети низ целиот парк.

На штандовите има и храна, како гиро, хот-дог, хамбургери, но и кафиња, топло чоколадо, па дури и греено вино.

Во духот на овогодишната тема на паркот, Петар Пан, меѓу мостовите и зад работилницата на Баба Мразица, сместена на дрво е и куќарката на самовилата, на Ѕвончица.

Забавата во божиќното село продолжува во лунапаркот, со најголемото панорамско тркало во Грција, со лизгалиште за деца и возрасни, зимски тобоган, вртелешка, автодром со колички за малите, но и за „големите деца“, виртуелно возење мотор, разни игри, како што се гаѓање и фрлање топчиња кон одредена цел, освојување кадифени играчки итн.

Активностите во лунапаркот се меѓу оние за кои се плаќа билет, а цените се различни, во зависност од видот и во просек се околу пет евра.
Со шоу со над 200 дронови и концерт официјално отворен паркот
Божиќното село за посетители беше отворено на 21 ноември, додека пак девет дена подоцна, на 30 ноември беше свеченото и официјално отворање во присуство на градоначалникот на Трикала Никос Сакас, неговиот претходник, а сега министер за дигитално управување на Грција Димитрис Папастергиу и илјадници посетители кои уживаа во шоу со над 200 дронови, но и во концерт на познатата грчка група Онирама.

„Магијата започнува сега“ беше пораката на небото над Трикала со помош на дроновите, откако претходно над посетителите надлетаа дронови што ја формираа фигурата на Петар Пан и неговата банда Изгубените момчиња
На церемонијата на свеченото отворање на 14-та „Мелница на џуџињата на Дедо Мраз“, на која присуствуваше и МИА, симболично Капетан Кука и Петар Пан пред Дедо Мраз и неговите помошници и пред градоначалникот се договорија на примирје, симболично придонесувајќи во празничната атмосфера на пријателство и дружба.
Најмладите уживаа во театарската претстава Петар Пан и заедно со нивните родители, и покрај студеното време, танцуваа на музиката на Онирама, а отворањето беше проследено и со голем огномет.

Бесплатен влез за сите
Божиќното село се наоѓа на нешто повеќе од еден километар од центарот на Трикала, или околу 15-ина минути пеш низ симпатичните улички на градот.
Станува збор за тематски парк, а не за божиќен маркет како во голем број европски градови и секоја година има различна тема инспирирана од приказните и бајките.

Процените се дека секоја година во просек го посетуваат околу 1,2 милиони граѓани, додека пак дневно бројката понекогаш достигнува и до 80.000 посетители.
Влезот е бесплатен за сите, без ограничувања, а исто така бесплатни се и низа активности.

Во текот на денот, паркот го посетуваат ученици, на организирани екскурзии, додека пак во вечерните часови во Трикала „сите патишта водат кон Мелницата“.
Само во првите десетина дена, како што велат вработените во паркот, имаше голем број посетители, особено од странство, од балканските држави, но и од нашата земја, а меѓу посетителите има и локално население.

-Ние имаме привилегија да живееме на десет минути од паркот, така што доаѓаме секоја година и тоа по неколку пати. На ќерка ми, многу ѝ се допаѓа, па секогаш кога е слободна од училишните обврски, ја носам тука, вели за МИА жителка на Трикала.
Единствениот „непријател“ пак, за „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“ е дождот, со оглед на тоа што голем дел од активностите се на отворено.
Индустриската мелница претворена во божиќен парк
Кога божиќната бајка ќе заврши и по празниците, магијата ќе исчезне, мелницата Мацопулу, повторно го враќа својот сјај како парк за одмор и разонода, каде што се спојува природата со индустриските материјали од 19 век.

Дел од божиќното село всушност е сместен во старата индустриска мелница за брашно што работела еден век (1884 – 1984), а е првата изградена во Грција и најголемата на Балканот, додека пак сега е еден од најзначајните споменици на индустриското наследство во земјата.

Мелницата работела со водна турбина, поставена во првите две години од изградбата, а движечка сила била водата од реката Агиамониотис, која преку систем на брани се насочувала кон воденичкото тркало и го активирала механизмот за мелење жито, произведувајќи основни состојки за секојдневна исхрана.
Водната турбина престанала да работи пред војната, веројатно во 1937 година, првично била заменета со дизел, а подоцна со електричен мотор, додека пред десет години, по две години одржување, водната турбина повторно проработила.
Од 1977 година, мелницата е во сопственост на општина Трикала.
Шетајќи низ божиќното село, во внатрешноста на мелница, меѓу новогодишните штандови и празничните слатки, се наоѓа водената турбина, отворена за посетители, а изложени се и стари машини од мелницата, документи, алатки и елементи од индустриската историја на Трикала.
„Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“, веќе 14 години по ред го прави градот Трикала една од глвните празнични дестинации за посетители, не само од Грција, туку и од Балканот, но Трикала не е само град на „божиќната магија“, туку и град во кој има посебна магија во текот на целата година, што сепак е најизразена во периодот за празниците.
Сместен во плодната област Тесалија, на коритото на реката Литеос, на околу 300 километри од Атина и 400 од Скопје, не е примамлив само поради божиќното село, туку самиот по себе има своја магија, важи за најиновативна грчка општина, првиот паметен град во земјата, град на велосипедите, но и град со богата историја и традиција.
Извор МИА
фото МИА

Македонски







