
Реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако делегатите на 18 партиски Конгрес му ја доделија довербата, истакна дека во годините што поминаа, многу се зборувало за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане. Вели, затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбиција одвнатре. Според него Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите. Да се мери со туѓи очекувања. Да чекори темпо кое друг го диктира.
А мене отсекогаш ме интересирало едно единствено прашање:
Како ќе изгледа Македонија кога ќе почне да верува во себе?
Вечерва, кога ја усвоивме доктрината, кога ја утврдивме стратегијата, кога дадовме завет пред нацијата, почувствував дека сме многу поблиску до таа верзија на Македонија. Верзијата што нема комплекс на мала земја, туку достоинство на стара цивилизација. Верзијата што не се извинува за своето постоење. Верзијата што знае што сака и оди по тоа со трпение, дисциплина и визија – рече партискиот лидер пред делегатите и гостите на Конгресот.
Понатаму во неговото излагање рече:
Знаете, кога доаѓав кон Кавадарци си помислив на моите почетоци во ВМРО-ДПМНЕ. За мене ВМРО-ДПМНЕ секогаш било една голема идеја, но и емоција која ги создржи сите наши историски пориви врзани со нашата татковина. Ова го кажувам само за да ви ја опишам обврската за која сум свесен дека и ја давате и големината на мојата задача да се води оваа организација. Место во кои се вградени грамадни имиња, која е распослана врз борбите и идеалите на илинденците, асномците, на луѓето кои беа прогонети од минатиот систем за идеите на ВМРО, на ветераните од деведесетите години. Ви благодарам за доделната доверба. Ви се поклонувам на вашата решеност, лојалност и огромна доверба – емотивно зборуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и премиер на Македонија.
Тој упати порака до своите сопартиици дека „имаме работа пред нас“.
Погледот наназад не го правиме за да броиме потешкотии, кои ни се случиле, би рекол дека го правиме за да ја разбереме цената на оваа доверба која денес ја добиваме. Поминавме низ години на удари, неправди, притисоци и политички парадокси што можеле да ја уништат секоја послаба организација. Но ВМРО-ДПМНЕ не се води од моменталната сила, туку од историска длабочина. Опстанавме затоа што ја носевме идејата како обврска, а државата како морална должност – рече Мицкоски.
Се осврна на денеска усвоената Стратегија за Македонија 2026-2030.
Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи – создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма – ние создадовме договор со иднината. А секој договор вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме. Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава – изјави партискиот лидер.
Потоа даде свое ветување:
И јас ви ветувам – како што сум ветил и пред вас и пред народот – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните. Оваа огромна поддршка за мене значи црпење на легитимитет да продолжам со идејата и целта да создадеме генерација која може да ја води државата и да се бори на политичкиот спектрум во наредните две до три децении. Мора секогаш да се гледа големата слика, но и да се има големи цели за кои вреди да се борите.
Според него најважната задача која ја имаат пред нив, како владејачка партија, е да го подобрат животот на граѓаните во Македонија.
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година ипол го посветивме на изградба на темели кои ги затекавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединицот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард. Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било која друга припадност, освен од спствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата.
Економијата мора да се раздвижи иако досега се раздвижи најмногу, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се р бетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значат послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед. И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чуство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека престауваат голема грижа за многу луѓе – рече Мицкоски.

Македонски







