Skip to main content

Мицкоски: Барањето за 0,8% од БДП е нереално – Владата ќе обезбеди средства само за неопходни вработувања

Freepik

Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите порача дека актуелното барање на правосудните институции за значително зголемување на буџетот е мотивирано пред сè од желбата за повисоки плати, а не од вистински потреби на системот. Како што нагласи, секој што тврди спротивно – ја сокрива вистината.

Мицкоски појасни дека доколку судовите и обвинителствата имаат реални потреби од нов кадар – ИТ експерти, сметководители, дактилографи или технички асистенти – Владата е подготвена веднаш да обезбеди средства за тие позиции. Доволно е, потенцира тој, институциите да достават детална листа на потребите, а Министерството за финансии преку ребаланс ќе ги обезбеди потребните пари.

„Ако навистина станува збор за персонал, нека направат список и ќе ги добијат средствата. Но да бараат 0,8% од БДП – тоа е нешто сосема друго. Тоа барање е исклучиво поврзано со зголемување на платите“, истакна премиерот.

Тој нагласи дека Владата ќе ги поддржи само оние барања кои ја зајакнуваат функционалноста на правосудството, а не непропорционални финансиски апетити.

-Тој буџет што тие го бараат од 0,8 проценти нема да го дадеме, макар и да е задолжителен. Затоа што 0,8 од БДП на 20 милијарди долари од БДП е 160 милиони долари. Толку пари не може да дадеме затоа што треба да издвоиме за НАТО 3,5 проценти за воени трошења и 1,5 проценти за критична инфраструктура, треба да издвоиме за плати, за пензии, за социјални трансфери… Трипати да го зголемиме буџетот за судовите пари нема и нема да го зголемиме туку ќе дадеме за вработувања за кои тие велат дека им се потребни, нагласува Мицкоски.

Премиерот беше дециден: Владата нема да го прифати ова нереално и непродуктивно барање, но ќе обезбеди сè што е навистина потребно за подобрување на ефикасноста на судовите и обвинителствата.

Поврзани вести