Skip to main content

Причината за трагедијата во „Пулс“ не е поради градежни пропусти на објектот, тврди одбраната на општинските градежни инспектори

Одбраната на обвинетите градежни инспектори во случајот „Пулс“ во воведните говори од денешното судење нагласија дека „причината за трагедијата не е поради градежни пропусти на структурата на објектот“ и дека инспекторите „не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор“. Сите изразија жалење и сочувство на семејствата на починатите лица.

Според бранителот на седмообвинетиот Огњен Георгиев (општински градежен инспектор), адвокат Зоран Зафировски, настанала застареност на делото што му се става на товар на обвинетиот Георгиев, дополнително нагласувајќи дека ќе докажат дека причината за трагедијата не е поради градежни пропусти на структурата на објектот, нешто на кое што може да врши службена контрола градежниот инспектор. Додека сите градежни активности на објектот, како што дополни, биле само уредување или реновирање што сопственикот го правел сам без да го пријави и ниту можело да се врши инспекциски надзор.

Обвинетиот Огњен Георгиев од обвинителството побара да му се врати мобилниот телефон затоа што, како што посочи, друг телефон нема и во него докажано нема никакви доказни материјали.

Не сум имал никакви контакти со никој од обвинетите. Мојот телефон е чист и сакам да ми се врати, изјави Георгиев.

Бранителот на Љупчо Стаменков (општински градежен инспектор), адвокат Јован Танчев, истакна дека одбраната ќе докаже дека не знаел и не можел да знае дека во конкретниот објект има кабаре, особено со тоа што во последните години живеел и работел во Скопје.

Ќе докажеме дека во период кога е вработен во Општина Кочани ниту едно физичко или правно лице нема поднесено пријава по која би можеле да постапат, рече тој.

Според него, „обвинителниот акт е паушален и правно неиздржан, се темели на погрешна примена на материјалното право и недостаток на докази“.

Бранителот на деветтообвинетиот Николчо Коцев (општински градежен инспектор), адвокатот Зоран Зафировски, посочи дека градежниот инспектор е независен и самостоен, но само во рамки на своите надлежности и најави вештачење и сослушување сведоци со кои ќе докаже дека Николчо Коцев никогаш немал добиено пријава, известување или наредба за инспекциска контрола на дискотеката.

Потенцираме дека обвинетиот нема својство на службено лице пред 30 години кога е граден објектот, никогаш не била направена пренамена на објектот и за периодот за кој се обвинува е извршена само една градежна активност што не е пренамена и судот ќе утврди дека не можел да реагира и евентуално да изврши надзор, изјави адвокатот Зафировски.

Според него, причина за трагедијата не е пад на градежната конструкција.

Обвинетиот Николчо Коцев, пред семејствата на жртвите изрази длабоко сочувство на сите кои што, како што рече, го загубија најдрагото во животот, а на повредените брзо закрепнување.

Таа вечер јас бев во болницата и до доцна во ноќта помагав. Тоа не е момент што можам да го заборавам и го носам со мене. А, денеска сум обвинет за нешто што не сум го сторил и никогаш не било во моја надлежност, изјави Коцев.

Тој нагласи дека немал надлежност, налог, пријава и немал законска можност и, како што рече „не сум сторил ништо надвор од закон“.

Верувам дека судот ќе ја види разликата меѓу виновник и жртва на системска слабост, изјави тој.

Според обвинението, обвинетите Огњан Георгиев, Николчо Гоцев и Љупчо Стаменков, како овластени градежни инспектори при Општина Кочани во периодот 2005–2024, свесно не постапиле по своите службени обврски за инспекциски надзор. Иако знаеле дека објект на ул. „Крижевска“ бр.2 (поранешна „Штипски пат“ бр.5) е пренаменет од лесна индустрија во угостителска дејност (кабаре „ПУЛС“) без одобрение и спротивно на деталниот урбанистички план, тие не извршиле инспекциски надзор и не покренале постапка по службена должност, не провериле дали има одобрение за реконструкција со пренамена, не утврдиле дали се извршени промени на конструктивните елементи, механичка отпорност, стабилност, сеизмичка заштита и мерки за заштита од пожар и не донеле решение за отстранување неправилности.

Со своето непостапување, како што се посочува во обвинителниот акт, овозможиле објектот да продолжи да работи како кабаре без исполнети безбедносни стандарди, иако биле свесни дека може да настапи штетна последица и се согласиле со тоа.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска и се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Поврзани вести