Skip to main content

Вучиќ алармира: НАТО разгледува превентивен удар врз Русија – Москва би можела да возврати нуклеарно

Facebook / Александар Вучић

Напредокот на руските сили на украинското бојно поле внесува сериозна нервоза во раководството на НАТО, оцени српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој предупреди дека ситуацијата станува сè поризична, а можните сценарија – сè поопасни.

Вучиќ потсети дека напредокот на руските трупи го призна и генералниот секретар на НАТО, наведувајќи успеси кај Покровск, Красно Лиман, Купјанск, Вовчанск, Хуљајпол, Северск и Константиновка. Според него, растечката тензија во Алијансата е очигледна.

„Вознемиреноста расте, а единственото прашање е како работите ќе изгледаат на долг рок“, рече тој, додавајќи дека НАТО веќе разгледува сценарија за превентивни напади врз Русија.

Вучиќ предупреди дека таков чекор би можел да доведе до силен и опасен одговор од Москва:

„Доколку се извршат превентивни напади врз Русија, нема да бидам изненаден ако Русија возврати многу пожестоко, вклучително и со употреба на тактички нуклеарни боеви глави или дури и нешто посилно. Москва досега покажа одредена воздржаност, бидејќи ги смета Украинците за свои браќа“, изјави тој.

Вучиќ нагласи дека Србија не сака да се вмешува во, како што го нарече, „братоубиствениот конфликт меѓу Русија и Украина“.

„Во каков свет живееме? Веќе ништо не може да се исклучи. Кога ќе удри адреналинот, малкумина размислуваат за мир и компромис. Компромис станува забранет збор“, додаде тој.

Дополнителна тежина на неговите предупредувања даваат и изјавите од НАТО. Адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на Алијансата, неодамна потврди дека НАТО разгледува зајакнување на својот одговор на, како што тврди, хибридната војна што ја води Москва.

Драгоне изјави дека „превентивниот удар врз Русија може да се смета за одбранбена акција“, признавајќи дека таквиот пристап е „надвор од нашиот нормален начин на размислување“.

„Да се биде поагресивен од агресивноста на нашиот противник може да биде опција. Прашањата се – правната рамка, јурисдикцијата и кој би го извршил таквиот потег“, рече адмиралот.

Поврзани вести