Skip to main content

Посни пица-коцки: Мека и сочна пита, готова за 45 минути

Ви го откриваме најдобриот рецепт за посни пица-коцки кои се приготвуваат за 45 минути

Овие посни пица-коцки се совршен спој од крцкаво, меко тесто и богат фил од зеленчук. Идеални се за појадок, ужина или како забавно мезе за дружба. Тестото е збогатено со куркума, која му дава убава златно-жолта боја, додека филот од праз и шампињони создава полн вкус, иако е без месо. Едноставни се за приготвување, а уживањето во секое залаче е гарантирано.

Состојки:


За тестото:

450 г брашно
180 мл кисела вода
180 мл масло
1 лажиче шеќер
1 лажиче сол
1 лажиче сув квасец
1/2 лажиче куркума


За филот:

250 г праз
400 г шампињони
1 лажиче сол
1/2 лажиче бибер
кечап
оригано
малку масло за пржење

Приготвување:
Во поголем сад измешајте кисела вода, масло, шеќер, сол и квасец. Додајте брашно и куркума, па замесете мазно тесто. Куркумата ќе му даде златно-жолта боја на тестото, слично како да сте користеле изматено јајце. Покријте го тестото и оставете го да отстои 30 минути.

Пригответе го филот. Ситно исечкајте го празот и пропржете го на малку масло додека омекне. Додајте исечкани шампињони и пржете додека испари сета вода. Посолете и забиберите по вкус. Поделете го филот на три еднакви дела.

Премесете го малку нараснатото тесто и поделете го на четири еднакви дела. Секој дел формирајте го во топче. Првото топче расучете го до големина на плех и внимателно префрлете го во плехот. Премачкајте го со две лажици кечап, посипете оригано, па ставете го првиот дел од филот. Повторете ја постапката со втората и тетата кора и преостанатиот фил. Последната, четврта кора, премачкајте ја само со кечап и посипете оригано.

Избоцкајте го тестото со чепкалка, покријте го со фолија и оставете го уште 10 минути да одмори. Загрејте ја рерната на 180 степени и печете 25-30 минути, додека кората стане златно-кафена. Оладете ги пица-коцките, а потоа пресечете ги на коцки.