Skip to main content
dS1lh6WwnAY

Газда Деко не чувствува вина за трагедијата во Кочани – Обвинетите за трагедијата во „Пулс“ едногласно негираат вина

Во судницата во Идризово заврши изјаснувањето на обвинетите за трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 62 лица. Ниту еден од присутните обвинети не призна вина, пренесува 4news.mk. Изјавите на обвинетите беа различно интонирани – од каење без признавање вина, до обвинувања за селективност, политички мотиви и конструирано обвинение.

Сопствениците и вработените во клубот „Пулс“

Главнообвинетиот Дејан Јованов – Деко, кратко изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.

Поранешниот управител Митко Стојанов рече дека длабоко жали за жртвите, но не и за својата кривична одговорност:

„Жалам за изгубените животи, животот би го дал за некои од нив. Сочувство до семејствата.“

Тодор Јованов, кој бил задолжен за влезниците и чие дете исто така било повредено во пожарот, изјави дека сочувствува со сите семејства, но не прифаќа вина: „Како родител на повредено дете изразувам сочувство, но не се чувствувам виновен.“

Градоначалници и функционери: „Селективна истрага“

Дел од обвинетите функционери тврдат дека процесот е неправедно насочен.

Градоначалникот Љупчо Папазов беше најдиректен:

„Ова е конструирано обвинение. Разбирам за што сум обвинет, но впечатокот е дека истрагата е селективна.“

Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, оцени дека случајот е „политички мотивиран и правно неоснован“.

Инспектори и службеници: „Не знаеме зошто сме обвинети“

Градежниот инспектор Огњан Георгиев изјави дека нема никаква поврзаност со трагедијата:

„Немам вина и треба да бидам ослободен. Обвинет сум само за бројка.“

Пазарниот инспектор Весна Кузмановска со емоции зборуваше за жртвите:

„Дечиња има таму, другари на моите деца… Сочувство, но не чувствувам вина.“

И другите инспектори и службеници – Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Зоран Николовски, Беким Максути и Аднан Џафероски – исто така се изјаснија за невини.

Обезбедувањето од „Рубикон“: „Ризикувавме за да спасиме животи“

Од агенцијата за обезбедување, вработените нагласија дека нивната улога била спротивна од она што им се става на товар.

Мартин Ѓорѓиев изјави:

„Делата кои ми се ставаат на товар не ги прифаќам. Ние го ризикувавме животот за да спасиме што повеќе луѓе.“

Стојанчо Димитријев додаде дека чувствува само болка што не успеале да спасат повеќе.

Невина изјава дадоа и Ивица Грозданов, Јане Јанчевски, како и сопственикот Александар Нацев, чиј предмет беше дополнително споен.

Поврзани вести