
Шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, денеска изјави дека нејзината земја нема да ја признае руската анексија на украинските територии, јави британскиот весник Гардијан.
Да бидам јасна, Шведска нема да ја признае илегалната анексија на Крим или кој било друг дел од територијата на Украина од страна на Русија. Нема да ја наградиме агресијата, рече Стенергард на Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во Стокхолм.
Една од одредбите на американскиот предлог за мировен план за Украина, за кој вчера во Женева преговараа делегации на САД и Украина и официјални лица од земјите на ЕУ, предвидува територијата на Украина која е окупирана од Русија да биде признаена како руска.
Стенергард додаде дека Украина постојано покажувала подготвеност да се согласи на целосен, безусловен прекин на огнот и да преговара за мирно решение, додека Русија тоа не го сторила.
Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што ќе предизвикаат понатамошна руска агресија, и не може да има никакви ограничувања на целосните суверени права на украинскиот народ да го избере својот пат, што го вклучува и патот кон членство во ЕУ. Договор што ги вклучува оние главни елементи што вистински го почитуваат суверенитетот на Украина и кој има поддршка од нејзиниот народ … исто така ќе ја има нашата поддршка, рече Стенергард.
Таа додаде дека Шведска и ЕУ не го промениле својот став за Украина, бидејќи ниту Русија тоа не го сторила: „Нашиот став останува дека, за да се постигне праведен и траен мир, границите не можат да се менуваат со сила“, нагласи таа.
Стенергард наведе дека Шведска има план од две точки: Да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
Таа додаде дека е „ништо друго освен срамно“ тоа што помошта на ЕУ за Украина е „помала од вкупното купување руска нафта и гас од почетокот на инвазијата“.
Тоа мора да се промени веднаш, рече министерката Стенергард.
Кримската платформа е лансирана во 2021 година, како меѓународен форум за дискусија и координација со цел Крим да ѝ биде вратен на Украина по мирен пат. Се одржува на различни нивоа, како што се состаноци на влади, министри за надворешни работи, парламенти и меѓупарламентарни собранија, како и граѓанско општество и експертски заедници.
Првиот самит се одржа во 2022 година во Загреб, потоа 2023 година во Прага и 2024 година во Рига.

Македонски








