Skip to main content

Мицкоски: Европа ја градиме дома, време е ЕУ да ги исполни своите ветувања

На Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, што се одржа во Тирана, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека за Македонија оваа иницијатива претставува „многу повеќе од политичка платформа“, нагласувајќи дека земјата веќе ги реализира првите резултати.


Според Мицкоски, Македонија е првата земја во регионот што го операционализирала Инструментот за реформи и раст и прва што добила пред-финансирање.

„Ова е резултат на посветена работа и на цврста верба во европските вредности“, рече премиерот, потсетувајќи дека реформската агенда одобрена од Европската комисија се фокусира на добро владеење, чиста енергија, образование, подобрување на бизнис-климата и владеењето на правото.


Мицкоски истакна дека годинава се поднесени две барања за исплата на средства, насочени кон дигитални услуги, подобрување на деловната клима и енергетска ефикасност. Досега се исплатени околу 24 милиони евра од заеми и инвестициски грантови.


Во следниот период, Владата продолжува со реформи во јавните финансии, дигитализацијата, бизнис-секторот и правосудството, со што би се отклучила дополнителна поддршка од Европската Унија од над 134 милиони евра.
Како дел од веќе постигнатите резултати, премиерот ги посочи приклучувањето кон SEPA системот, со што Македонија стана една од првите земји од Западен Балкан кои добија пристап до единствената европска зона за плаќања.

Дополнително, проектот WiFi4WB се реализира во 63 општини, додека Дигиталниот самит во Скопје ја потврди ориентацијата кон европските стандарди за интероперабилност и дигитална безбедност.


Во рамките на програмата „Хоризонт“, се формира национална Антена на Фабриката за вештачка интелигенција, која ќе ја поврзе Македонија со европскиот технолошки екосистем и инфраструктурата за суперкомпјутери.


Мицкоски се осврна и на инфраструктурната поврзаност, истакнувајќи дека модернизацијата на граничните премини Деве Баир, Блаце и Богородица во рамки на иницијативата „Зелени ленти“ ќе ја олесни трговијата и движењето, правејќи ја Европа „физички поблиска“ до граѓаните.


Зелениот развој, додаде тој, е исто така централен сегмент на Планот за раст, со проекти вредни околу 1,1 милијарда евра – од кои повеќе од половина милијарда се грантови обезбедени од ЕУ. Во нив спаѓаат инвестиции во енергетска ефикасност, транспорт и железничка инфраструктура.


Премиерот подвлече дека засилената регионална соработка преку Заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес создава средина која постепено се приближува кон принципите на Единствениот европски пазар.


„Нашата порака е јасна: Македонија испорачува. Не реформираме заради очекувања, туку затоа што веруваме во европската идеја“, изјави Мицкоски, додавајќи дека земјата очекува фер и меритократски пристап од европските партнери.


Тој заклучи дека Планот за раст треба да стане доказ дека европската идеја и понатаму обединува, инспирира и носи резултати – „не утре, туку денес“.

Поврзани вести