
Ние актерите се чувствуваме како репрезентација која ги брани боите на Македонија, буквално на сите гостувања. И секогаш ја имаме таа желба да победиме, изјави Сашко Коцев, кој со наградуваната претстава „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) синоќа (19 ноември) гостуваа во Националниот театар на Унгарија во Будимпешта. Коцев во претставата го толкува ликот на Чики.
Публиката ги награди македонските актери со неколкуминутен громогласен аплауз, кои страсно и во еден здив ја одиграа претставата.
По завршувањето на претставата, македонските актери имаа сесија разговори со публиката, која се разви во спонтана, интерактивна, отворена и топла комуникација со унгарската публика. Она што започна како кратка сесија прашања и одговори, брзо прерасна во подлабока, емотивна и искрена дискусија околу темите што ги отвора претставата – човечноста, апсурдот на војната и траумите што ги остава зад себе.

Тони Михајловски во „Ничија земја“ го игра ликот на Цера.
Прекрасно и едновремено тажно и жестоко дело, кое говори за ужасите на војната во поранешна Југославија. Низ целата драма провејува и црн хумор, како би можеле да го „свариме“ небулозниот воен конфликт, којшто се случи на овие простори. Една од ретките претстави, која не ја наметнува порака, таа произлегува сама од себе. Уживам во секоја нејзина изведба и е една од моите ретки прилики, каде можам да застанам на сцена со мојот син, актерот Александар Михајловски“.
Младиот и исклучително енергичен и талентиран актер Александар Михајловски пак, преку ликот на Нино, вели дека оваа претстава бара од него огромен психофизички влог.
Ова не е мое прво гостување во Будимпешта, но е најбитно. Ликот кој го играм е постојано на сцената, речиси два часа и максимално сум сконцентриран. Оваа претстава е голем предизвик за мене и изискува физички, но пред се психички влог“.
Публиката беше видливо трогната од изведбата, дел од гледачите, наместо да поставуваат прашања, почувствуваа потреба да застанат пред микрофонот и да споделат колку силно ги допрела претставата. Тие зборуваа за автентичноста на актерската игра, за емотивниот товар на приказната, и за нејзината актуелност и денес, неколку децении по војната во Босна. Сесијата се претвори во искрен дијалог меѓу македонските актери и унгарската публика, кој уште еднаш ја потврди моќта на театарот да отвора тешки теми и да ги поврзува луѓето од различни општествени средини, извести МНТ преку соопштение.
Директорот на МНТ Никола Кимовски потпишал договор за соработка со Атила Видњански, директорот на Националниот театар во Будимпешта. Гостувањето на „Ничија земја“ е првиот резултат од оваа соработка и е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции. Веќе напролет, Националниот театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.

Со директорот на Националниот театар во Будимпешта, Атила Видњански веднаш се препознавме. Двајцата сме вљубеници во театарската уметност. Му благодарам и нему и на целиот театарски тим за големото гостопримство и врвен професионализам и со нетрпение ги очекувме следната година, кога унгарскиот театар ќе возврати посета со гостување во МНТ. Оваа соработка, можеби е мал чекор за театарот, но голем за европската уметност.“, изјави Никола Кимовски, првиот човек на МНТ, за време на средбата со Видњански во Националниот театар во Будимпешта.
Според делото на Данис Тановиќ и во режија на Александар Морфов, во претставата играат: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
За МНТ, ова не е прво претставување во Националниот театар во Будимпешта. Во 2017 година, нашиот театар гостуваше со претставата „Животот е прекрасен“, исто така во режија на Александар Морфов, а во 2015 година беше одиграна претставата „Вечната куќа“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата „Ничија земја“, годинава гостуваше и на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, кој се одржа во Ќустендил, соседна Бугарија.

Македонски








