
Влада Дивљан, најголемиот господин во југословениот рокенрол, би бил многу задоволен од концертот кој синоќа, на 17 ноември во салата на Македонската Филхармонија го одржаа неговите долгогодишни соработници и пријатели кои настапуваат под името „Невладина организација“ во рамки на првиот Off – Таксират концерт.
Насловен како „Само една љувов имам“, членовите на „Невладина организација“ Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац и Марко Миливојевиќ, како и подмладокот Дамјан Дашиќиќ и Марко Чалиќ изведоа хитови од сите фази на кариерата на Дивљан во полниот салон на Филхармонија. Концертот траеше повеќе од два часа, а бендот се врати на бис и со огромен апалуз беше испратен од сцената.
„Невладина организација“ одлично комуницираа со публиката која генерално беше повозрасна, но имаше и родители кои со децата беа на концертот. Концертот беше емотивен, но не патетичен, додека траеше, на видео бим се менуваа слики од Дивљан во 1970-те години, кога ја почнувал кариерата.
Оваа година се одбележуваат десет години од смртта на Дивљан, еден од најхаризматичните рок музичари во поранешна Југославија, што беше повод за ваква балканска турнеја.
Концертот почна со „Ретко те виѓам за девојкама“, а заврши со „Девојко мала“, а специјални гости беа композитотот и еден од најсовремените музичари Кирил Џајковски и српската кантавторка Констракта.

Да ми кажеше некој дека ќе пеам љубовни песни…, рече синоќа Констракта која ја крена на нозе публиката со „Русија“.
За мене ова е најубавата песна, рече Констракта, која меѓу другите ја изведе и „Само једну љубав имам“.
Џајковски во својата кариера соработувал со Дивљан и со публиката го сподели чувството.

Тој беше токму таков како што раскажуваат, духовит, многу харизамтичен и многу, многу, креативен. Низ годините соработувавме на разни проекти, а нашата последна студиска соработка беше филмски саунтрак. Тоа беше главната тема која ја изведе за потребата на филм, а по текст на Дарко Митревски. Филмот беше „Бал-кан-кан“, а темата беше „Баба Зумбула“, кажа Џајковски, кој со трубачот и виолинистот од оркестарот на Филхармонија ја изведоа „Баба Зѕмбула“.
„Малена“, една од најромантичните песни, чиј текст Дивљан го рецитираше на концертите овој пат таа чест му припадна на Зденко Колар, еден од најстарите пријатели и соработници на Влада, а публиката ја испеа од почеток до крај.
Логин Кочишки, менаџерот од „Пасворд продукција“ која го организира „Таксират“ пред бисот излезе на сцената и раскажа како се запознале со Дивљан пред многу години, кога тој бил во Белград каде што пред малубројна публика настапувал македонски бенд, а меѓу присутните бил и Влада.
Му пријдов и го излажав дека сум новинар и дека сакам да прават документарец за него. Се сретнавме пред „Дом на млади“ во Белград и ми донесе пакет за кој морав да викам помош за да го однесам до автобус, за да ги остават стварите. Година дена подоцна ми се јави и ми вели: Слушај Логин, ми требаат материјалите, бидејќи во Босна ќе прават документарец за мене. Ти, до кај си? Никогаш не сум имал прекар, само еден другар ме викаше Бунар. Тоа значи дека материјалите на Влада исчезнаа. Не сакајќи да му го кажам тоа на телефон, како полумаж, отидов во Белград, исто место, ‘Дом на млади’ и нарачавме по една пијачка, за храброст. Ми вика: Кај ти се материјалите? Ја му велам: Слушај другар, зезнав работа, се изгубив. И Влада вика: Ок Логин, тогаш ти ја плаќаш оваа тура. Е тоа беше Влада Дивљан. 10 години од смртта, тој ќе остане секогаш најдобар, раскажа Кочишки.
Влада Дивљан и „Ол стар бенд“, една од групите каде што членуваше Дивљан беа гости на вториот „Таксират“ во 2000 година, а концертот беше во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Денсинг салата.
Влада Дивљан, пејач, композитор, гитарист (1958- 2015) го основа еден од водечките бендови на новиот бран „ВИС Идоли“ во 1980 година. Тие ги објавија култните албуми „ВИС Идоли“, „Odbrana i poslednji dani“, „Čokolada“ и „Šest dana juna“. Покрај тоа, има објавено уште 8 албуми за време на неговата самостојна кариера, но и со групите „Олд Старс“, „Невладина организација“ и „Летно кино“. Со Срѓан Гојковиќ Гиле, тој создаваше музика за деца, а компонираше за телевизија, филм и театар. Од 1999 година живееше во Виена, каде што почина на 4 март 2015 година.

Македонски









