
По средбата во Атина со украинскиот претседател Володимир Зеленски, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повтори дека почитувањето на неповредливоста на границите е принцип за кој Грција не преговара. Тој направи паралела меѓу руската инвазија врз Украина и окупацијата на Северен Кипар од страна на Турција, пренесе грчката државна телевизија ЕРТ.
„Ние стоиме со украинскиот народ. Грција застана на страната на бранителите против крвавата воена операција што го нарушува секој поим за суверенитет и легалност“, изјави Мицотакис на заедничката прес-конференција во резиденцијата Максимос.
Грчкиот премиер нагласи дека Украина може да смета на „непоколеблив сојузник“ и ја потврди поддршката на Атина за европските интеграции на Киев.
Еден од клучните моменти на денот беше потпишувањето на декларација за намера за транзит на американски течен природен гас од Грција кон Украина преку Бугарија, Романија и Молдавија. Мицотакис истакна дека со новиот вертикален гасен коридор и интерконекторот Александрополис–Одеса, односите меѓу двете земји добиваат „нова димензија на енергетска безбедност“.
„Украина добива директен пристап до разновидни и сигурни извори на енергија. Ова е одлучувачки придонес кон енергетската стабилност и безбедност“, додаде тој и вети поддршка за повоената обнова на земјата.
Украинскиот претседател Зеленски ја нагласи важноста на грчката помош и потсети дека руските сили секоја ноќ горат критична инфраструктура во Украина.
„Нашата соработка е клучен дел од енергетскиот пакет. Драг пријателе, лично ви благодарам, вам и на сите што учествуваа во овој проект“, му порача тој на Мицотакис.
Зеленски се заблагодари и на американските компании и на американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги поддржаа договорите за снабдување со американски течен гас преку Грција.
Украинскиот лидер повика на засилен притисок врз Русија:
„Русија заслужува повеќе санкции. Благодарни сме што Грција ги поддржува нашите иницијативи за враќање на киднапираните деца и за ослободување на заробениците од 2014 година“, рече Зеленски, додавајќи дека Атина е силен поддржувач на европскиот пат на Украина.
Пред средбата со Мицотакис, украинскиот претседател беше примен и од грчкиот претседател Константинос Тасулас.

Македонски








