Skip to main content

Албанија утре го отвора последниот кластер во преговорите со ЕУ

Утре во Брисел ќе се одржи 7-та меѓувладина конференција, за пристапување на Албанија во Европската унија, кога ќе биде отворен последниот кластер, кој се однесува на ресурсите, земјоделство и кохезија.

„Овој состанок ќе послужи за отворање на преговорите за група 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“, вклучувајќи ги поглавјето 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарни прашања), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби)“, објавија албанските медиуми.

Албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи го одржувањето на меѓувладината конференција оцени дека „отворањето на последниот кластер во преговорите е рекордно достигнување“.

-Со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното, бидејќи ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци, постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција. Целта на владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година. Ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030 година, рече Рама.

Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека ги отвори сите кластери за околу една година.

Силна поддршка на плановите на Албанија за пристапување кон ЕУ даде италијанската премиерка Џорџа Мелони на заедничката прес-конференција со Рама, по првата заедничката седница на владите на двете земји, што се одржа во четвртокот во Рим.

Таа изјави дека ќе се стреми политичките преговори со Албанија за пристапување кон Унијата да започнат во првите шест месеци од 2028 година, кога Италија ќе претседава со ЕУ, на што Рама возврати дека „неговата сестра Мелони е адвокат на Албанија“ и оти силно е убеден дека ветувањето ќе го оствари

Поврзани вести