Skip to main content

Протестен „Марш за ангелите“ во Скопје: Не бараме сожалување и сочувство, бараме правда

МИА

Правдата и вистината да излезат на виделина, кој се има одговорност, да се дознае кој можел да спречи, а не го направил тоа, кои институции задоцниле со реакција, да преземат мерки и да се направи се ваква трагедија никогаш повеќе и никому да не му се случи, побараа денеска родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 30. „Марш за ангелите“, кој овојпат се одржа во Скопје.

Маршот почна на пладне на плоштадот „Македонија“, од каде што продолжи кон Собранието, а потоа учесниците се упатија пред Основниот кривичен суд Скопје.

фото: Република

Пред македонското Собрание се обрати Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од ДНК.

Не бараме сожалување и сочувство, бараме правда, вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да се разбуди во ноќта која ние ја преживеавме, рече таа.

Никој, истакна Ѓорѓиеска, не е заштитен кога институциите не ја вршат својата работа. Затоа, како што рече, ова не е политички повик, туку повик од срце за правда за вистина и за човечност.

Почитувани пратеници бараме да покренете иницијатива за одржување надзорна расправа пред надлежна собраниска комисија, како и да формирате посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата бидејќи загубата не е бројка, туку живот. Во овој случај нарушени се права на живот и безбедност на навремено и ефективно постапување на институциите во ситуација со закана по живот. Бараме да се утврди зошто интитуциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да носи болка која е последица на ваков пропуст негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои интитуции задоцнија. Која ја имал должноста да спречи, а не спречил, истакна таа.

фото: Република

Според родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани истражувањето што се водело останало нецелосно со отворени прашања без одговор и недоразјаснети околности.

Ние семејствата останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена. Анкетната комисија треба да обезбеди фактите да излезат на виделина, проверка на постапување на сите институции од локално до централно ниво. Да се утврди евентуална политичка или службена одговорност да се подготват мерки кои ќе спречат и гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе, никому нема да му се случи, рече сопругата на Андреј.

Организаторите на маршот порачуваат дека се свесни оти патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, нагласуваат, ако се пронајде заедничката точка на сплотување и сите застанат еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.

фото: Република

Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, ќе започне на 19 ноември во судницата на КПУ Идризово. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Судењето ќе се води со темпо од две рочишта неделно, а првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември.

Судот најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Надлежните упатија апел до медиумите и јавноста за достоинствено и одговорно известување, без сензационализам, со почит кон жртвите и сите страни во постапката.

Поврзани вести