
Во рамки на Skopje Design Week 2025, настан кој прерасна во есенцијална платформа за визии и прогрес на креативните индустрии, за взаемен бенефит на културата и економијата, меѓудругото, се одржаа Конференцијата за развој на туризмот и Работилницата за креативен туризам, со учество на министри, експерти, локални иницијативи и претставници од туристичкиот и креативниот сектор.
Главната порака од настаните беше јасна: синергијата меѓу институциите, локалните заедници и приватниот сектор, заедно со современа промоција и видливост на локалните приказни, е предуслов за одржлив развој на туризмот, особено во руралните средини.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека автопатот Е-75 треба да стане „коридор на култура, инспирација и развој“, поврзувајќи ја инфраструктурата со креативноста. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски додаде дека државата работи на воведување „смарт автопат“, прв во регионот, како поддршка на туристичките текови и достапноста на дестинациите.
Преку панелот „Креативен туризам и одржливи зелени практики“ беа презентирани успешни локални примери како Spirit of Prespa, Sherpa Horse Riding и Билки лајф, кои ја демонстрираат моќта на автентичните приказни, учеството на заедниците и креативниот пристап во туристичката понуда.
Во рамки на конференцијата беше најавена и учеството на Македонија на ЕКСПО Белград 2027, каде комесарот Александар Велиновски го претстави иницијалниот модел на македонскиот павилјон – простор што ќе ги обедини природата, културата, гастрономијата и туризмот во современ концепт на национална презентација.
Настаните заклучија дека креативниот туризам е економија на приказни, а за негов развој е потребна координација, промоција и заедничка визија. Со здружени напори и современ пристап, Македонија има потенцијал да го претвори својот рурален пејзаж во мрежа на доживувања што ги спојуваат природата, културата и луѓето – токму она што современиот турист најмногу го бара.

Македонски








