
Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави новата книга „Стилски синтези“ од истакнатиот македонски лингвист, книжевен критичар и писател Димитар Пандев. Делото претставува капитален труд од областа на македонската стилистика, во кој авторот ја разработува теоријата за стилски синтези поставена од Блаже Конески, проширувајќи ја врз современите македонски писатели.
Како што соопштуваат од издавачката куќа, по повеќе објавени книги од областа на стилистиката и општата лингвистика, оваа книга на Пандев претставува обемен труд од областа на македонската стилистика, во кој авторот сеопфатно ја обработува теоријата за стилски синтези што ја има поставено Блаже Конески и ја има разгледано од најмалку четири аспекти во одделни свои реферати и статии, објавени во периодот од 1958 до 1992 година, задржувајќи се врз придонесот на македонските преродбеници во оформувањето на македонскиот писмен јазик.
Оваа теорија од својот претходник Блаже Конески, чекорејќи по неговиот пат, Пандев ја презема проширувајќи го нејзиниот домен и врз современите македонски писатели кои во голема мера придонесле за стабилизација на литературната норма на македонскиот литературен јазик“, се наведува во соопштението од „Матица македонска“.
Во книгата се анализира придонесот на македонските преродбеници и современи автори – полиграфи и полистилисти, кои преку различни функционални стилови ја збогатиле граматиката и стилистиката на македонскиот јазик. Пандев ги илустрира своите тези со примери од делата на Конески, Гане Тодоровски, Васил Иљоски, Ристо Лазаров, Блаже Минески и други, како и од филмски сценарија, меѓу кои и „Денови на искушение“.

Македонски








