Skip to main content

Лидерот на ЕПП повика на постепено враќање на Сиријците во нивната татковина

Лидерот на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, Манфред Вебер, оцени дека сириските бегалци треба, по можност, да се вратат во својата татковина.

Tие што можат да се вратат во Сирија и да помогнат во обновата на земјата, треба да ја напуштат Германија и Европа и да се вратат дома, изјави Вебер за весникот Билд, пренесе ДПА.

Тој посочи дека правната ситуација е јасна: „Ние помагаме во итни случаи, но кога војната ќе заврши, мора да се вратите во својата земја“.

Сепак, Вебер предупреди дека не треба да се поставуваат крути рокови.

Ако депортациите не се можни во првиот месец, бидејќи делови од Сирија се уште се целосно уништени, тоа може да биде можно следниот месец. Но, принципот мора да се спроведе, рече тој.

Вебер, исто така, нагласи дека треба да има исклучоци за Сиријците кои се интегрирани на пазарот на трудот.

Во Германија има многу Сиријци кои даваат важен придонес. Дали навистина сакаме да ги испратиме сите назад во Сирија?, праша тој, нагласувајќи дека луѓето со миграциско потекло имаат клучна улога во сектори како што е здравството.

Вебер е високопозициониран германски политичар од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринската партија на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц.

Неговите изјави доаѓаат во време на внатрепартиски спор меѓу конзервативците околу политиката за враќање на бегалците во Сирија.

Минатата недела, шефот на дипломатијата Јохан Вадепфул предизвика несогласувања во партијата по посетата на разурнато предградие на Дамаск, каде што изрази сомнеж дека голем број сириски бегалци би можеле доброволно да се вратат, бидејќи, како што рече, таму „едвај е можно да се живее достоинствено“.

Поврзани вести